Фото: Пиксабеј

Кинеските научници работат на проект што ќе им обезбеди клучни податоци за проучување на еволуцијата на Месечината. Хемијата на површината на Месечината е од суштинско значење за откривање петролошки карактеристики за да се разбере еволуцијата на Земјиниот сателит.
Постојното хемиско мапирање врз основа на лунарните примероци собрани од „Аполо“ и од „Луна“ може да ја открие еволуцијата на Месечината пред три милијарди години, пропуштајќи критичен доцен период.

Меѓутоа, докажано е дека лунарните примероци што ги врати кинеската мисија „Чанг’е-5“ носат информации за младата вулканска активност пред околу две милијарди години и за карактеристичниот состав на материјалот.
– Истражувачкиот тим прецизно ја процени содржината на главните елементи на површината на Месечината со комбинирање податоци од примероците од „Чанг’е-5“, „Аполо“ и „Луна“ со модел на инверзија заснован на длабоко учење – рече Јанг Чен, професор на универзитетот „Џилин“.

Тие потоа создадоа нова карта на распределбата на хемискиот состав на површината на Месечината со висока прецизност и висока резолуција, која сеопфатно ги одразува хемиските карактеристики на површината на Месечината.
– Истражувачите исто така ги калибрирале и младите базалтни единици на лунарните мориња врз основа на пресметката на содржината на новиот елемент, што ќе обезбеди веродостојни податоци за историските студии за магматската активност и топлинската еволуција во доцниот лунарен период и за идните мисии за земање примероци од Месечината – рече Јанг.

Студијата беше заеднички спроведена од универзитетот „Џилин“, Националната астрономска опсерваторија на Кинеската академија на науките, универзитетот „Тренто“ во Италија, Универзитетот во Исланд и други кинески и странски истражувачки институции.
Ојианг Зијуан, водечки кинески научник и прв главен научник на кинескиот проект за лунарна сонда, исто така беше вклучен во студијата. Студијата неодамна беше објавена во списанието „Нејчр комјуникејшнс“.