Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Луѓето денес зборуваат значително помалку отколку пред петнаесетина години, покажува анализа објавена годинава во научното списание „Перспективс он сајколоџикал сајанс“ (Perspectives on Psychological Science). Темата денеска ја отвора и авторката Ема Бедингтон во Гардијан (The Guardian), прашувајќи дали во потрагата по тишина и дигитална удобност полека губиме нешто важно – обичниот разговор со други луѓе.

Психолозите Валерија Фајфер од Универзитетот Мисури–Канзас Сити и Матијас Мел од Универзитетот во Аризона анализирале податоци од 2.197 луѓе на возраст од 10 до 94 години, собрани во 22 истражувања во САД, Мексико, Австралија и Европа. Учесниците носеле уреди што во текот на денот повремено снимале делови од нивниот говор.

Резултатите покажале дека меѓу 2005 и 2019 година просечниот број изговорени зборови се намалувал за околу 338 дневно со секоја следна година. Во целиот период тоа претставува пад од околу 28 проценти. Кај луѓето помлади од 25 години намалувањето било уште поголемо – околу 451 збор годишно.

Истражувачите нагласуваат дека од овие податоци не може да се утврди зошто зборуваме помалку. Периодот се совпаѓа со огромниот раст на пораките, социјалните мрежи и другите форми на дигитална комуникација, но авторите велат дека технологијата веројатно не е единственото објаснување. Се менува и начинот на кој работиме, купуваме и комуницираме – многу ситуации што порано барале разговор денес можат да се завршат преку апликација.

Во Гардијан, Бедингтон го поврзува ова со сè поголемата популарност на тишината како начин за одмор – од слушалки што ја поништуваат бучавата до патувања и хотели што ветуваат што помалку човечки контакт. Но, научниците предупредуваат дека и кратките разговори имаат вредност. Истражувања покажуваат дека секојдневните контакти со колеги, соседи или непознати можат да го зајакнат чувството на поврзаност и благосостојба.

Авторите на анализата затоа не тврдат дека секој треба намерно да зборува повеќе, но посочуваат дека губењето на стотици зборови дневно значи и губење на многу мали разговори што нè поврзуваат со другите.