Љубителите на стриповите сигурно се сеќаваат на Астерикс и Обеликс и на галското село каде што жителите од ништо не се плашат, освен дека „небото ќе им се сруши на глава“.
Ова лето многупати се чини дека тоа ни се случува. Од друга страна, веројатно не познавате некој што се плаши да застане под облак и да каже дека ќе му падне на глава. Дури и да се случи ова, се чини дека таков настан ќе помине без прекумерна штета за луѓето. Меките работи што лебдат во воздухот изгледаат некако бестежински. А сепак мора да имаат тежина, бидејќи се направени од вода. А водата е доста тешка – еден литар вода тежи еден килограм. Значи, колку се тешки облаците? Како можат да лебдат во воздухот ако имаат тежина?
Тајната е во нивната густина, се наведува на интернет-страницата на Геолошкиот институт на САД. Густината на облаците е помала од густината на сувиот воздух.
Исто како што нафтата лебди во вода бидејќи е помалку густа, облаците лебдат во воздухот бидејќи влажниот воздух во облаците е помалку густ од сувиот воздух. Според „Сајнс алерт“, густината на кумулусниот облак (облак што изгледа како пена или крем) се проценува на половина грам на кубен метар. Не толку голем кумулус, кој би бил широк еден километар, на тој начин би имал волумен од еден кубен километар, што е милијарда кубни метри. Кумулусните облаци можат да достигнат неколку километри во висина, како и во должина и ширина.
Сепак, нема потреба да се плашите ако таков облак одеднаш се спушти на земјата. Ништо не би забележале, освен што одеднаш би се нашле во магла.