Светските научници предупредуваат дека виталниот состав на океанските струи може да се урне во наредните години доколку светот продолжи со загадувањето што ја загрева планетата. Тоа, според нивните прогнози, би донело катастрофални последици и би влијаело на секој човек на планетата.
Најновата студија објавена во списанието „Нејчр“ покажа дека Атлантската меридијална струја, чиј дел е Голфската струја, може да пропадне до средината на векот, па дури и до 2025 година.
Атлантската меридијална струја (AMOC) е комплексен сплет на струи што функционира како џиновска глобална подвижна лента. Пренесува топла вода од тропските предели кон северниот Атлантик, каде што водата се лади, станува посолена и тоне длабоко во океанот, пред да се прошири на југ.
Научниците што не беа вклучени во студијата за „Си-ен-ен“ изјавија дека точната пресвртна точка за критичниот систем е неизвесна и дека мерењата на струите досега покажале мал тренд или промена. Сепак, тие се согласија дека овие резултати се алармантни и даваат нови докази дека пресвртната точка може да дојде порано отколку што се мислеше.
Инаку, тој сплет на променливи струи игра клучна улога во климатскиот систем, помагајќи да се регулираат глобалните временски обрасци. Неговиот колапс би имал огромни импликации, вклучувајќи и многу поекстремни зими и подигање на нивото на морето што ќе влијае на делови од Европа и САД, како и поместување на монсуните во тропските предели.
Научниците со години предупредуваат за неговата нестабилност додека климатската криза се забрзува, заканувајќи се да ја наруши рамнотежата на температурата и соленоста од која зависи јачината на овие струи.
М.Н. Таква била ситуацијата пред повеќе од 12.000 години
Како што океаните се загреваат и мразот се топи, повеќе свежа вода тече во океанот и ја намалува густината на водата, што ја прави помалку способна да потоне. Кога водата станува премногу свежа, премногу топла или и двете, подвижната лента АМОЦ запира.

Оваа ситуација се има случено и порано. Пред повеќе од 12.000 години, брзото топење на глечерите предизвика АМОЦ да се исклучи, што доведе до големи температурни флуктуации на северната хемисфера, од десет до 15 степени Целзиусови, во рок од една деценија.
Извештајот од 2019 година на Меѓувладиниот панел на ОН за климатски промени предвидува дека АМОЦ ќе ослабне во текот на овој век, но дека неговиот целосен колапс пред 2100 година е малку веројатен. Меѓутоа најновата студија носи нешто поалармантни заклучоци.
Бидејќи атлантската меридијална струја постојано се следи дури од 2004 година, авторите на студијата бараа многу поголем збир на податоци што може да покаже како се однесувале струите во периодот без климатските промени предизвикани од човекот. Затоа морале „да се вратат во минатото“.
Научниците ги анализираа температурите на површината на морето во северниот Атлантик во областа јужно од Гренланд во период од 150 години помеѓу 1870 и 2020 година.
– Овој дел од океанот се загрева со вода што АМОЦ ја носи на север од тропските предели. Значи, ако се олади, тоа е затоа што слабее – рече Петер Дитлевсен, професор по климатска физика на Универзитетот во Копенхаген и еден од авторите на извештајот.
Авторите потоа ги одзедоа ефектите на глобалното затоплување предизвикано од човекот врз температурата на водата за да разберат како се менуваат струите.
Така, тие пронајдоа рани предупредувачки знаци за критични промени во АМОЦ, што ги натера да предвидат „со голема самодоверба“ дека може да се затвори или да пропадне веќе во 2025 година, а најдоцна во 2095 година.
– Најверојатната точка на колапс е некаде помеѓу 2039 и 2070 година – заклучи Дитлевсен.