Традиционалната Италијанска вечер на фестивалот „Охридско лето“ со тенорот Џани Лечезе и пијанистот Екланд Хаса, кои настапија синоќа под акустичните сводови на црквата „Света Софија“, се одржа во стандардниот фестивалски термин.
Лечезе е ученик на Вилијам Матеуци и Леоне Магиера. Џани Лечезе дебитира во операта „Палјачи“ од Р. Леонкавало во театарот во Пиза, по што настапува со истата улога во Гросето, Пескара, Витербо во рамките на театарските сезони и на фестивали. Неговата интернационална кариера го води на концерти и изведби на оперски претстави во Кина, Индонезија, В. Британија, Грција, Египет, Франција, Чешка, Полска, Јапонија, Кипар, Романија и Бугарија, каде што неговите изведби се проследени со позитивни одгласи од стручната критика и од публиката. Соработувал со некои од најголемите оперски ѕвезди на денешницата, како: Катја Ричарели, Џанфранко Цечеле, Лео Нучи, Карло Коломбара, Пипо Баудо и Пјетро Бало. Во 2011 година е добитник на наградата „Тенор на новата генерација“ од фондацијата „Арена ди Верона“. Во 2018 година, Лечезе е поставен за уметнички директор на фестивалот на отворено на сцената на театарот „Каве ди Фантиано“ во Пулиа, јужна Италија.
Екланд Хаса е роден во Тирана, каде што учел во уметничкото училиште „Јордан Мисја“ и Академијата за ликовни уметности. Стекнал различни специјализации во Италија и Германија, а меѓу неговите учители можеме да вклучиме имиња како што се Нихал Хакиу, Пранвера Чауши Кхорџи, Анита Тартарие и Лудвиг Хофман.
Наградуваниот уметник, соло пијанист во театарот за опера и балет во Тирана, решава да ја напушти Албанија во пострежимскиот период, преселувајќи се во јужна Италија. Овде неговиот живот како музичар има различни, но еднакво задоволувачки импликации: од 1995 година, па наваму тој свири како солист и придружник на оперски пејачи во „Театро Верди“ во Маргера, „Театро Политеама Греко“, „Ла Фениче“, „Тито Шипа“, „Паисиело“, „Маскањи“ и многу други.
Од 2000 година станува уметнички директор на Академиа Лирико – Поп „Албано Кариси“, започнувајќи ја турнејата како пијанист што го однела во САД, Канада, Москва, Узбекистан, Бугарија, Романија, Шпанија, Франција, Малта, Германија, Холандија, Белгија, Данска, Норвешка, Шведска и низ целиот свет.