Фото: Архива/илустрација

Повеќето деца минуваат низ фази на „испробување“ на грубо однесување, а нивните родители не се исклучок. Колку и да е вообичаена и минлива оваа фаза, детскиот психолог Лора Маркам за „Сајколоџи тудеј“ открива што да прават родителите кога ќе се случи тоа.

– Иако често слушаме совети дека родителите треба да го игнорираат ваквото однесување, јас лично не мислам дека игнорирањето на провокативното однесување на детето е добра идеја. Имено, кога децата искажуваат незадоволство, лутина или раздразливост кон нас, тие всушност се обидуваат да ни кажат нешто, а ако не ги слушаме, нивните фрустрации само ескалираат – објаснува таа.

Наместо да ги игнорираат, психологот советува родители да го направат следното:

Контролирајте го вашето однесување
Додека комуницирате со дете кое се однесува грубо или лошо кон вас, внимавајте на сопственото однесување и зборовите што ги употребувате. Во принцип, ако го критикувате или викате на детете, обидете се да се контролирате. Психологот нагласува дека не треба да се плашите да поставувате граници, туку тоа треба да го правите и смирено и со почит.

Не сфаќајте лично
Често родителите мислат дека незадоволството или непослушноста на нивното дете е насочено исклучиво кон нив, но тоа во никој случај не е точно. Потсетете се дека вашето дете сè уште учи самоконтрола и дека токму сега има проблем поради кој го губи трпението. Обидете се да го разберете проблемот што го има детето (и доколку е соодветно, понудете му помош), дури и ако сте поставиле ограничување за неговиот тон. Како што советува Маркам, обидете се да ја зајакнете врската со вашето дете користејќи ја секоја можност за позитивно поврзување. Поминувајте најмалку 15 минути сами со вашето дете секој ден, давајќи му го вашето фокусирано и позитивно внимание.

Поставете јасни граници, но не викајте
Кога вашето дете ќе каже нешто грубо или особено навредливо, смирено соочете се со неговите навредливи зборови или тон на гласот. Останете ладнокрвни, но сепак поставете јасни очекувања за комуникација со почит. На пример, можете да му го кажете следново: „Твоите зборови звучат како да треба да ме повредат. Сигурно си вознемирен што зборуваш така со мене. Знаеш дека јас никогаш не зборувам со тебе на ваков тон. Можеш да ми кажеш зошто со вознемирен, но без напаѓање. Што ти се случува?“.
„Се чувствувам нападнато кога користиш вакви зборови и гласно зборуваш со мене. Те молам кажи ми што сакаш да ми кажеш, но на помирен начин. Јас те слушам“.

Сето тоа се начини на кои родителите можат мирно да решат непријатна ситуација без таа дополнително да ескалира, објаснува психологот. Имено, децата повторуваат се што прават родителите, па со правилното реагирање ќе му бидете пример на детето како во иднина да научи да решава проблеми доколку се појават.