Ќе направиме се што е можно и ако е потребно повторно ќе го реконструираме буџетот, за секој оној што ќе добие проект преку годишен конкурс за поддршка на проекти од национален интерес финансиран од Министерството за култура, да може да ги добие своите средства, рече на денешната прес-конференција министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Таа на новинарско прашање дали се оправдани стравовите на културните работници поврзани со она што го приложиле на годишните конкурси дека заради економската и енергетската криза ќе добијат многу помалку средства од тоа што очекуваат, напомена дека ваквите стравови воопшто не се оправдани.
– И со ребалансот оваа година кога имавме многу големо кратење за да обезбедиме доволно плати и пари за да ја платиме електричната енергија, исти беа стравувањата дека нема да може да се доисплати програмата до крај, но веќе исплатата по програмата е 96 отсто, рече министерката.
Инаку, како што посочи таа, оваа година пристигнале 3.355 пријави, а најмногубројни се во издавачката дејност, а најмалобројни во библиотечната.
Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2023 година траеше од 17 октомври до 25 ноември. Рокот беше продолжен за една недела по барање на корисниците, а аплицирањето се одвиваше преку националната платформа „е-услуги“.
– Во моментов, комисиите работат на програмите од националните установи, а службите во Министерството за култура ја вршат административната проверка на веродостојноста на прикачените документи во електронската апликација и како ја завршуваат проверката, така ги предаваат пријавите на соодветните комисии. И благодарејќи на овој систем, од оваа година решенијата за прифатени, одбиени или отфрлени проекти, корисниците ќе ги добијат по електронски пат, рече Костадиновска-Стојчевска.