Македонската претставничка Андреа Коевска вечерва ќе пее во второто полуфинале на Евросонг во Торино. Андреа ќе настапи единаесетта со песната „Circles“ на композиторот Александар Масевски. Шоуто почнува во 21 часот.
Во пресрет на континенталното музичко натпреварување изгледите на обложувачниците за победа на Андреа во Торино изнесуваа илјада наспрема еден (за едно вложено евро се добиваат илјада), со што мали се очекувањата за пласман на македонската претставничка во финалето. Згора, според интернет-страницата „Јуровижн ворлд“, Македонија има најмали изгледи за пласман во финалето од сите учесници на втората полуфинална вечер, со само девет отсто.
Но, извесно е дека Андреа привлече големо внимание со случајот со фрленото знаме, додека на многумина странски љубители на „Евровизија“ им се допаѓа песната „Circles“, како што се забележува според коментарите на Твитер.
Освен Андреа, на вечерашното полуфинале во арената „Пала олимпико“ ќе пеат и претставниците на Финска, Израел, Србија, Азербејџан, Грузија, Малта, Сан Марино, Австралија, Кипар, Ирска, Естонија, Романија, Полска, Црна Гора, Белгија, Шведска и на Чешка. Од големата петорка своите настапи ќе ги претстават Англија, Германија и Шпанија.
Вечерва свое шоу ќе имаат водителите Мика и Лаура Паусини, а ќе настапат и поранешниот евровизиски претставник на Италија, „Ил воло“.
Досега се познати десетте финалисти од првата полуфинална вечер, и тоа Швајцарија, Ерменија, Исланд, Литванија, Португалија, Норвешка, Грција, Украина, Молдавија и Холандија. Финалето на „Евровизија“ ќе се одржи в сабота, а ќе настапат претставниците на 25 земји.