Техно

Компанијата „Самсунг“ ја претстави новата серија на своите мемориски картички, наречени „проендјуренс“. Станува збор за картички микроСД, кои се оптимизирани за снимање видеа во резолуција фул ХД и 4К. Овие картички се дизајнирани да ги задоволат ригорозните барања за надзорни, автомобилски, куќни, преносни и други камери.
Според официјалното соопштение, „проендјуренс“ може постојано да поддржува снимање до 16 години, се разбира под услов корисникот да ја пренесе снимената содржина доволно брзо.
„Проендјуренс“ на „Самсунг“ доаѓа со меморија НАНД флеш, која може да трае како 33 вообичаени картички фокусирани на брзина. Брзината на читање оди до 100 мегабајти во секунда, а брзината на пишување до 40 мегабајти во секунда, во зависност од капацитетот.
Новата картичка е достапна во четири верзии кога станува збор за меморијата, и тоа 32 и 64 гигабајти (microSDHC) и 128 и 256 гигабајти (microSDXC). Секоја од нив има различна издржливост, но времетраењето на сите четири се мери во илјадници часа.
„Самсунг“ ја заштити дополнително картичката „проендјуренс“ ,покрај вообичаената заштита од вода, радијација и магнети, па, така, таа е заштитена и од оштетување и паѓање од висина до пет метри.