Кои физички карактеристики ги поседува „совршениот“ маж? Сликата за „совршениот“ се менува од личност до личност, но и од култура до култура. Како изгледа идеалниот маж во различни земји во светот одлучиле да дознаат на интернет-страницата „Супердраг онлајн доктор“.
Во студијата, наречена „Перцепции за совршенството, Дел 2: Мажи“, тие анкетирале 11 жени и осум мажи од 19 различни земји во светот. Од нив било побарано фотографијата од еден маж од Њујорк да ја уредат во фотошоп „по свој вкус“. Значи, од него морале да го направат совршениот маж во својата култура.
Оваа студија е продолжение на оригиналната студија што се занимаваше со стандардите на женската убавина низ светот. Се покажа дека и мажите се изложени на нереални притисоци поврзани со изгледот. Истражувачите се надеваат дека оваа студија ќе им помогне на луѓето од сите полови да ја преиспитаат својата перцепција за „совршеното“ тело.
– Нашата цел е да започнеме револуција, да поттикнеме вистинска промена во имиџот на телото, така што луѓето ќе му дадат приоритет на здравјето пред изгледот и ќе ја промовираат самодовербата – објаснуваат тие.
Во студијата, испитаничка од Хрватска како идеално машко тело претставила послаб маж со црна коса, без истакнати мускули. Повеќето испитаници го прикажувале идеалниот маж како маж со потемна коса, додека обликот на телото варира. Послабиот тип на мажи се покажал како идеален во Кина, Македонија, Хрватска, Филипините и Велика Британија, додека „посилните“ мажи се претпочитаат во Египет, Нигерија, Русија, Србија, Јужна Африка, САД и Венецуела.