Прекрасен избор на уметнички фотографии на Фотосојуз – Србија е презентиран на изложба што по повод празникот на лозарите Св. Трифун е отворена во галеријата на домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци.
Фотографиите се избор од третиот Републички куп на клубови, на кој беа претставени 16 колекции од десет клуба и фотографски здруженија од Србија: фотоклубот од Белград со колекциите „Мајсторска работилница“ и „Пазар“, фотоработилницата „Арт натура арт“ со колекциите „Снага на погледот“ и „По свој пат“, фотоклубот од Чачак со колекцијата „Живот на улица“, фотоклубот од Крагуевац со „Измеѓу“ и „Топлина“, фотоклубот од Параќин со колекцијата „Жена како инспирација“, Шабачка фотозадруга со колекцијата „Зима“, фотографскиот клуб од Војводина со колекциите „Минимализам“ и „Рефлекција“, фотоклубот од Војводина со колекцијата „Не ни може ништо дождот“, фотоклубот од Алексинац со колекцијата „Отпад“, две колекции „Црно бели свет“ на ФК ЦД13 и „Фотокомуна 24 кадар“ со колекцијата „Новосадски апстракции“. Овие фотографии се оценувани и наградени од стручно жири составено од членови на уметничкиот совет на мајстори на фотографијата на Фотосојузот на Република Србија: Имре Сабо, Геза Ленерт, Милан Живковиќ и Предраг Циле Михајловиќ.
Изложбата е организирана во рамките на добрата соработка на полето на културата на домот на културата „Иван Мазов-Климе“ од Кавадарци со Центарот за култура на градот Ковин од Србија. Во своето обраќање директорот на Центарот за култура од Ковин, Миливој Грчиќ особено ја нагласи соработката на двата града на полето на културата, која од година на година се унапредува за да се презентира најдоброто на полето на културата. Како плод на соработката во Кавадарци се одржа и фолклорниот фестивал на изворни песни „Срма“.