Медицински совет

Крвната група може да биде поврзана со веројатноста за ран мозочен удар, според новата метаанализа на повеќе од 600.000 пациенти во 48 студии.
Наодите објавени во списанието „Неуролоџи“ ги вклучуваат сите достапни податоци од генетските студии за исхемичните мозочни удари што се предизвикани од блокирање на протокот на крв во мозокот, што се јавува кај возрасните под 60 години. Во општата популација, овој тип на мозочен удар сочинува 87 проценти од сите мозочни удари, според Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), пишува „Евридеј хелт“.
– Бројот на луѓе со ран мозочен удар се зголемува – рече главниот истражувач на студијата Стивен Џ. Китнер во соопштението за медиумите.
Докторот Китнер е професор по неврологија на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Мериленд (UMSOM) во Балтимор.
Мозочниот удар е поверојатен кај лицата со крвна група А. За да истражат како генетските фактори можат да влијаат на ризикот од мозочен удар, истражувачите анализираа 48 студии за генетика и исхемичен мозочен удар, во кои беа вклучени 16.700 пациенти со мозочен удар и 599.237 здрави контроли што никогаш немале мозочен удар. Тие открија врска помеѓу раниот мозочен удар – кој се јавува пред 60-годишна возраст – и областа на хромозомот што го вклучува генот што одредува дали крвната група е А, АБ, Б или О.
Студијата покажа дека кај луѓето што доживеале ран мозочен удар постои поголема веројатност да имаат крвна група А и помала веројатност да имаат крвна група О отколку луѓето со доцен мозочен удар и луѓето што никогаш немале мозочен удар.