Архива / Фото: Нова Македонија

Инфлацијата значително ги зголеми цените на сите продукти, а тоа најмногу се почувствува кај прехранбените производи, кои им се неопходни на граѓаните во секојдневната живеачка. Токму зголемувањето на цените, стагнацијата на платите и недоволниот раст на пензиите ги тера најголемиот дел од граѓаните на Кичево да го купуваат најевтиното, што значи и шетање низ продавниците за споредба на цените.

-Честите поскупувања што се случуваат на прехранбените продукти во последните 18 месеци не примораа да купуваме единствено од оние продукти кои имаат најниска цена, а не како порано да ги одбереме продуктите кои нам ни се допаѓаат. Таква е состојбата со лебот, млекото, сувомеснатите производи, млечните производи и сите артикли кои секојдневно ги користиме за исхрана. Се поголемиот расчекор помеѓу цените и платите повеќе не ни дозволува да го купиме омиленото сирење, најквалитетните сувомесни производи и речиси сите продукти што се нудат во маркетите. Дури ако досега во овој период од годината редовно купувавме овошје и зеленчук, сега кога краставиците се 200 денари, доматите 150 денари, јаболката речиси 1 евро, ни преостанува во нашиот избор да ги изоставиме овие производи поради екстремно високите цени – се пожалија повеќе граѓани на Кичево, кои ги сретнавме во два големи маркети во средиштето на градот.

Најмногу засегнати од овој ценовен галоп се пензионерите и социјалните случаи кои немаат маневарски простор да бираат а често и да не ги консумираат производите кои до вчера можеле да си ги дозволат и се неопходни за подобро здравје.

-Сакале или не повеќе не можеме да си доволиме поголем дел од производите кои во претходниот период редовно ги купувавме. Така се откажавме од редовно консумирање на јогурт и млеко, овчо сирење, сувомесни производи и зеленчук. Како времето одминува така чувствуваме дека се повеќе е загрозен нашиот стандард и ако вака продолжат да растат цените, нашето преживување ќе се сведе само од набавка на леб и маргарин -вели Драган Тренкоски, пензионер.

Иако и трговците се жалат на се поголемиот пораст на цените и намалениот промет, сепак барем досега цените не се намалуваат како што се најавува од Владата а бројот на маркети во Кичево постојано се зголемува, така зимава се отворија три големи маркети на разни локации во градот.

Повеќемина печалбари кои се на одмор во земјава, велат дека моментално нашата земја е поскапа од земјите каде што тие работат и каде платата е за неколку пати повисока.