На првото издание на анонимниот конкурс за краток расказ „Тврдоглави“, наменет за млади писатели (на возраст од 16 до 26 години), пристигнаа 206 раскази, кои ги оценуваше стручно жири во состав: Оливера Ќорвезироска, Владимир Мартиновски и Николина Андова Шопова. Жирито констатира дека најголемиот дел од пристигнатите раскази ги задоволува предвидените пропозиции, а десетина текста, кои по обем се значително подолги и инклинираат кон новели и кратки романи, беа исклучени од процесот на селекција. По опсежните дискусии за текстовите што влегоа во потесен избор, се донесе едногласна одлука во која беа одбрани три наградени раскази: првонаграден е расказот „Хектор“ (шифра 11597); на второто место е расказот „Тринастега“ (шифра Тринастега), а на третото место – расказот „Кучешки празник“ (шифра Аглаонема). Жирито донесе одлука да издвои и три раскази што заслужуваат пофалба: „Архивски назив: Тремор“ (шифра Јупитер 8836), „Судиска грешка“ (шифра John Doe) и „Улицата на багремите, бр.18“ (Шифра: Табјера 18).
– Иако кај сите наведени раскази може да се забележат и одредени слабости, сите наградени и пофалени раскази се истакнуваат со одреден изграден, особен авторски стил. Секако, постои простор за подобрување и надградување, за авторско „растење“ кај авторите на овие раскази. Од она што овие текстови го нудат на стилски, идеен и естетски план, јасно е дека таквиот потенцијал е несомнено присутен. Станува збор за раскази што сведочат за нови авторски писма и оригинални пристапи во уметноста на краткото раскажување – се вели во одлуката.
Според комисијата, меѓу пристигнатите раскази постои јасна тенденција да се пишува на актуелни, модерни теми. Трите пофалени раскази нудат една можна перспектива за понатамошен развој на одделни раскажувачки практики, надвор од помодноста и од трендот, слободно надоврзувајќи се на најразличните универзални раскажувачки практики во современата македонска книжевност, но и пошироко. Експериментирањето со формата, линеарното раскажување и постмодернистичките стратегии се широко отворени, рамноправно можни и за најмладите автори што пишуваат на македонски јазик.
Конкурсот „Тврдоглави“ е во чест на еден од доајените на современата македонска книжевност, Славко Јаневски (1920-2000). Тој има цел да ги поттикне и промовира младите писатели на македонската книжевна сцена.