Фото: Пиксабеј

На сите понекогаш ни е толку многу потребна шолја кафе, што не знаеме што сè би дале за да ја добиеме што е можно поскоро, но дали некој би потрошил вистинско мало богатство за неа?

Одговорот е „да“, бидејќи едно кафуле во Австралија на своето мени има шолја кафе кое чини дури 1.500 долари, но со тоа добивате нешто уникатно што треба да ве доведе дури и до солзи радосници, пишува австралиски „Њус“.

Кафулето „Бру леб“ во Сиднеј се гордее со своето кафе, кое може да се добие само со барање однапред и по пат на посебен процес на подготовка.

За почеток, откако клиентот однапред ќе го нарача кафето, менаџерот на кафулето контактира со партнерите во Панама, кои го печат кафето на работ на вулканот во Сила де Пандо, на 1.700 метри надморска височина.

Потоа кафето се испраќа со приватен авион во Австралија, каде што претходно натопената филтер-хартија се става над вода која се загрева до точно 94 степени Целзиусови, по што следуваат неколку круга точење, секој пат точни до секунда.

Досега ова кафе го пробале неколкумина, кои изјавиле дека напитокот што повеќе личи на чај отколку на обично кафе, наводно ги довело до солзи радосници.

Инаку, редовните посетители на „Бру леб“ често нарачуваат и други видови оригинално подготвено кафе, кои се нудат по цена од 100 и 200 долари.