Записите покажуваат дека до 1900 година имало повеќе од 7.000 професионални жени фотографи во светот

Во чест на Меѓународниот ден на жената, 8 Март, фотоклубот „Куманово“ во соработка со центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово ја организира националната изложба на уметнички фотографии „Жените и фотографијата“, која се отвора в четврток, во 19.30 часот. Фотоклубот на творечки начин говори за ангажираното присуство на жената во светот на фотографијата и тоа го претвора во традиција. Ова е деветто издание на изложбата на која се прикажани 50 фотографии од женската фотографска фела во Македонија.
– Меѓународниот ден на жената е потсетник да го согледаме и славиме напредокот на жените низ историјата. Историја што сведочи за борбата на храбри и достоинствени жени, со цел обезбедување подобра позиција на жената во сите сфери на општеството. Општество ослободено од стегите на родовата нееднаквост – општество отворено за промени и нови предизвици. Жените преку фотографијата прават вистинска револуција во осознавање на светот, која води кон рушење на поделбите, а со тоа и прифаќање нови мислења и воспоставување нови парадигми. Како индивидуи или здружени во организации, жените се борат за еднаквост на можностите, но и за еднаквост во резултатите – изјавуваат од фотоклубот.
Записите покажуваат дека до 1900 година имало повеќе од 7.000 професионални жени фотографи во светот.
– Жените сочинуваат речиси 20 проценти од професијата во време кога било невообичаено жените дури да имаат професија. Нашиот фотоклуб има поголема бројност на жени фотографи, а тоа е еден од многуте показатели за нивната сѐ поголема вклученост во оваа креативна дејност. Фотографијата како актуелен и моќен медиум на изразување, одбележувајќи го секој белег на времето во кое живееме, сведочи за успешноста на жените во креирањето поубав и похуман свет – велат организаторите.
На изложбата се застапени две теми. Ставен е акцент на жената – нејзината појава и улоги во еден организиран визуелен облик, кој заслужува внимание, и слободна тема како простор за интерпретација на светот околу себе виден преку објективот на жените автори.

– Проектирани се личните доживувања на стварноста и феноменот на секојдневието со разновидни стилски определби, но со исти цели во естетска и емотивна основа на своето творештво, изразувајќи се во жанрот што најмногу одговара со нивниот сензибилитет. Разновидноста, актуелноста и автентичноста на нивните уметнички сфаќања и толкувања, високиот степен на естетска свест ги чини рамноправни членови во оваа креативна дејност – објаснуваат од клубот.
Фотографиите учествуваат во животот на идните генерации како предмети од визуелно и емоционално искуство на оние што ги разгледуваат.
– Тие продолжуваат да ја емитираат во себе пораката, експресивната енергија што ја втиснале нивните автори. Целта на изложбата е да се даде поттик, поддршка, да се продолжи со активноста, а ние да ја славиме жената како творец во областа на фотографијата – велат од фотоклубот „Куманово“.
Изложбата ќе биде поставена до 23 март.