Пред десет илјади години, група тинејџери во денешна Шведска џвакале и плукале парчиња смола од бреза, на ист начин како што современите деца може да ја залепат користената гума за џвакање на долната страна од училишната маса. Меѓутоа, овие дамнешни тинејџери не ни знаеле дека нивната фрлена гума за џвакање еден ден ќе ја анализираат научници, откривајќи дека јаделе елени, пастрмки и јаткасти плодови, обработувале крзно од волк и лисица со забите и страдале од болести на непцата, пишува „ИФЛсајенс“.
Има многу ДНК-секвенци во џваканата гума
Три парчиња џвакана смола од бреза, користена како лепак за време на камената доба, првично беа откриени во 1990-тите години на локалитетот наречен Хусеби Клев. Врз основа на староста на седиментот во кој се пронајдени примероците, истражувачите проценуваат дека се стари помеѓу 9.540 и 9.890 години.
За да потврдат дека изџваканите примероци навистина биле џвакани од луѓе, авторите на студијата ги споредиле ДНК-секвенците на микробите присутни во смолата со современите и со старите плунковни микробиоми. Притоа, тие откриле високи нивоа на бактерии поврзани со периодонтитис (болест на непцата), како што се трепонема дентикола, стрептокока ангиноса и слакиа ексигуа.
Други бактериски видови, вклучувајќи стрептокока собринус и параскардовиа дентиколенс, и двата показатели за расипување на забите, исто така беа присутни во изобилство во древните гуми за џвакање. Коментирајќи ги овие наоди во изјава, авторот на студијата, д-р Емрах Кирдок, објасни дека има многу ДНК-секвенци во џваканата гума од Хусеби Клев и во неа нашле бактерии за кои знаеме дека се поврзани со периодонтитис и ДНК од растенија и животни што претходно биле џвакани.
Во гумата за џвакање имало имела
Навистина, покрај истакнувањето на лошото орално здравје на мезолитските Скандинавци, генетските податоци извлечени од гумата за џвакање открија различни растителни и животински видови што минувале меѓу усните на џвакачите непосредно пред да ја гризнат смолата.
Ова ги вклучува изворите на храна како што се лешниците, јаболката, речната пастрмка, црвениот елен. Исто така се откриени и видови птици како патка и црвеногушка, што покажува дека Скандинавците од камената доба можеби ги користеле забите за да ги обработат коските на овие суштества во алатки, освен што ги јаделе.
Истражувачите, исто така, идентификуваа ДНК од неколку каниди, вклучувајќи ги црвената лисица, арктичката лисица и волкот. Според авторите, овие животни најверојатно биле ловени поради нивното крзно, а луѓето можеби ги користеле забите во одреден момент при подготовката на овие кожи.
Меѓу другите растенија откриени во гумата за џвакање беше и имелата, за која истражувачите велат дека можела да се користи во медицината или да се произведе отров за врвовите на стрелите.
Сумирајќи ги наодите на тимот, авторот на студијата, професорот Андерс Гетерстром, рече дека ДНК во античката гума обезбедува слика за животот на мала група ловци собирачи на скандинавскиот западен брег.
– Знаеме дека овие тинејџери јаделе елени, пастрмка и лешници пред 9.700 години на западниот брег на Скандинавија, додека барем еден од нив имал сериозни проблеми со забите – рече тој.