Фото: Роналд Слабке

Кратер учествувал во сите големи битки, на Граник, кај Ипсос (каде што заповедал со целото лево крило на фалангата, а негови потчинети биле Мелеагар и Птолемај), кај Гавгамела. Секогаш кога Александар тргнувал во некој специфичен потфат, Кратер го придружувал

Знаменитостите на Македонија

Кратер потекнувал од македонско благородничко семејство од Орестида, неговиот татко се викал Александар, а негов брат бил адмиралот Амфотер. Кратер бил многу близок со Александар Македонски – идниот крал на Македонија, а тоа е особено видливо од еден мозаик од Пела, на кој се претставени Александар и Кратер во лов на лавови. Историчарите велат дека Кратер бил еден од најдобрите војсководци на Александар Македонски и како таков го придружувал македонскиот крал уште на самиот почеток во походот против Персиската Империја.
Во почетокот заповедал со одред на тешка пешадија (пезетајри), а неговата војничка кариера многу лесно може да се проследи, бидејќи бил еден од најблиските соработници на македонскиот крал Александар.
Кратер учествувал во сите големи битки, на Граник, кај Ипсос (каде што заповедал со целото лево крило на фалангата, а негови потчинети биле Мелеагар и Птолемај), кај Гавгамела. Секогаш кога Александар тргнувал во некој специфичен потфат, Кратер го придружувал.

Додека Александар војувал во Либан, Кратер командувал со опсадата на градот Тир. По победата над персискиот крал Дариј, кога Александар го оставил Парменион во Екбатана, Кратер станал вториот највлијателен човек во Македонската Империја, односно го добил заповедништвото над главната војска.
Овој македонски војсководец се споменува во борбите во Согдијана и во Бактрија, како и во битките против Скитите. Тој имал пресудна улога во откривањето на заговорот на Филота и неговото судење.
На големата свадба во Суза, Кратер се оженил со ќерката на Оксијар, братот на Дариј, со што му била направена извонредна чест. По бунтот на македонската армија кај реката Опис, Александар му ја доверил задачата да ги врати ветераните во Македонија и со писмена наредба да го преземе местото на Антипатар како управник на Европа.

Во моментот на смртта на Александар, Кратер со 10.000 војници се нашол во Киликија, а со него бил и Полиперхонт. Во текот на борбите по смртта на Александар, Кратер бил еден од најпознатите и најзначајни дијадоси. Кратер имал конзервативни погледи, го одбил персискиот начин на облекување и живеење, останал доследен на македонските обичаи, меѓутоа тоа не му пречело на македонскиот крал Александар. Плутарх вели дека затоа македонскиот крал му ги доверил азиските работи на Хефајстион, а на Кратер работите со Македонците и Хелените.
Кратер умрел две години по смртта на Александар и поради тоа не се истакнал во борбата помеѓу дијадосите, како што се истакнале Селевк, Антигон Едноокиот или Птолемај.

Д.Ст.

Фото: Јаир Хаклаи / Александар Македонскиa
Лов на лавови. Мозаик од Пела (античка Македонија), на кој се претставени Александар Македонски и Кратер.