Фото: Принтскрин/илустрација

Русија денеска соопшти дека воен транспортен авион ИЛ-76 со 65 украински воени заробеници се урна во западниот регион Белгород, на границата со Украина, јави Би-би-си.

– Во авионот имало 65 заробени војници на украинската армија кои требало да бидат транспортирани заради размена во регионот Белгород, шест членови на екипажот и тројца придружници – соопшти руското Министерство за одбрана.

Регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков изјави дека е информиран за „инцидентот“, но не даде дополнителни детали.

Видеото споделено на социјалните мрежи покажува како авион понира во близина на селото Јаблоново проследен со експлозија, околу 11 часот по локално време (08 часот по Гринич).

Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека Кремљ знае за несреќата, но одби да навлезе во детали, истакнува Би-Би-Си.