фотографии: Маја Јаневска Илиева

Голем број скопјани се собраа вечерва во центарот на Скопје, пред „Пелистер“, да му оддадат последна почит на својот сограѓанин Аки Рахимовски, кој ќе биде погребан утре во Алејата на великаните на гробиштата во Загреб.

Иако уште како дваестегодишник Аки го напушти нашиот град и изгради музичка кариера во Хрватска, како пејач на култната група „Парни ваљак“, тој засекогаш остана поврзан со Скопје, каде имаше многу почитувачи, пријатели, другари од детството и колеги, со кои заедно почна да се занимава со музика.

И вечера многумина од нив дојдоа да запалат свеќа, да напишат последен поздрав во книгата на жалост, уште еднаш да го слушнат неговиот неповторлив глас, кој ги отпеа големите хитови на „Парни ваљак“, а тие навистина се многу на број. Со групата тој сними дваесетина албуми, но издаде и свој соло носач на звук.

Имаше желба да сними и цеде со македонски етно бисери, но за жал таа желба не му се оствари. Последна соработка кај нас ja оствари со Игор Атанасоски – Гуру Харе и ја отпеа неговата емотивна балада „Мајка“. Сними и неколку македонски народни песни, меѓу кои е и „Сноишти сакав да ти дојдам“ со семејството Тавитјан, во чие студио ја сними и деновиве објавената преработка на „Ако згрешам нека изгорам“ на Пепи Бафтировски. Аки пред неколку години ја сними и „Бела песна“ на Венко Серафимов, со Каролина Гочева.

Неговито последен настап во Македонија беше летоска во Битола, каде со Дадо Топиќ учествуваше на концертот „Рок симфонија“.

Аки засекогаш ќе остане во срцата на скопјани, кои се гордееја со неговиот голем успех. И никогаш нема да биде заборавен, бидејќи остави многу зад себе, но пред се ќе биде запаметен по својата харизма и добрина, скромност и непосредност со кои сите ги освојуваше.

Последното збогување со Аки Рахимовски го организираше „Радио бубамара“ со поддршка „КЛС Саунд“ и град Скопје.

М.Т.