„Прокурати веки“ на плоштадот „Свети Марко“ е една од најпознатите згради во Венеција и беше отворена за јавноста првпат во историјата. Познато е дека на Венеција не ѝ недостигаат туристи, но нејзината последна отворена атракција има цел да го искористи проблемот со прекумерниот туризам во градот, насочувајќи ги посетителите кон општествената одговорност.

Неокласичната фасада на зградата изградена во раните 1500-ти години, откако претходната верзија била уништена во пожар, е една од најпознатите разгледници во Венеција. Сега првпат посетителите можат да пристапат до четвртиот и последен кат, каде што е поставена постојана изложба под косиот покрив на зградата.
Зградата, која е седиште на италијанската осигурителна компанија „Џенерали“ од 1832 година, беше подложена на петгодишно реновирање, предводено од архитектот Дејвид Чиперфилд. Додека „Џенерали“ ги задржа канцелариите на вториот кат од зградата и ќе го изнајми третиот, четвртиот ќе стане седиште на „Хјуман сејфти нет“, проект што им помага на загрозените поединци и семејства, вклучувајќи и бегалци.

Дел од тоа е и технолошка изложба што ретко се гледа во Венеција. Наместо да покрива историја или уметност, „Светот на потенцијалот“ се занимава со социјалните вештини преку технологија. Практичните експонати се дизајнирани да всадат мисла и емпатија кај посетителите, вклучуваат игри со тимска работа и една вежба во која посетителите можат да ја подигнат топката во воздух само со моќта на концентрација.
Со купување билети за изложбата, посетителите можат да пристапат и до кафулето на четвртиот кат, кое има две тераси на покривот свртени кон куполите на базиликата „Свети Марко“ и познатата камбанарија. Терасите немаат поглед на плоштадот, бидејќи се наоѓаат под линијата на покривот на зградата. Меѓутоа, собите на последниот кат имаат прозорци со поглед на областа за која се вели дека Наполеон ја нарекол „Соба на Европа“.