Центарот на европската мрежа за размена на музички иновации ХЕМИ ги објави 27-те номинирани музичари за третото издание на „ХЕМИ музички награди“, меѓу кои се номинирани и три македонски изведувачи: Дина Јашари, „Јон Ајди“ и „Перија“. Од вкупно 280 извонредни европски изведувачи, од разновиден спектар на жанрови, кои одговорија на повикот за учество, меѓународно жири на професионалци од музичката индустрија ги избра 27-те изведувачи што ќе ѝ се придружат на „ХЕМИсферата“.
Овие номинирани соло-изведувачи и групи доаѓаат од девет држави во Централна и во Југоисточна Европа (Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Македонија, Полска, Романија, Србија, Словенија) и ќе учествуваат во првата фаза на наградите. Таа фаза вклучува воведни активности за номинираните, кои имаат цел да помогнат изведувачите да го развијат својот капацитет за влез на нов пазар.
Активностите на ХМА ги комбинираат теоријата и праксата, а над сѐ нудат животно искуство. Учесниците ќе имаат пристап до онлајн состаноци и предавања за збогатување на нивното знаење за музичката индустрија, особено проблемите во секторот за настапи во живо. Тие дополнително ќе добијат акредитации за учество на водечките европски изложбени фестивали и конференции, проследени со интернационално покровение во медиуми.


Понатаму, само девет (9) од 27-те номинирани во првата фаза (1 по држава) ќе преминат во втората фаза на наградите каде што ќе добијат персонализирана поддршка, напредна обука и можности за соработка и настап на избраните партнер-настани ХЕМИ. Во третата и последна фаза на наградите победникот ќе добие поддршка за меѓународно унапредување со покриени трошоци за патување, учествување и настапување на главен европски музички фестивал, вклучувајќи со промоција и можности да ја унапредат својата кариера на следно ниво.
Станува збор за талент–програма за изведувачи што се подготвени да ја развијат својата кариера и да освојат нов меѓународен пазар и публика. Организирана е од центарот на европската мрежа за размена на музички иновации – ХЕМИ, европска иницијатива што се стреми да ги поддржи уметниците и професионалците од музичката индустрија во Чешка, Естонија, Македонија, Полска, Романија, Србија и во Словенија.