Мистериозен руски сателит се распадна на почетокот на минатиот месец, по што се создаде „облак“ од вселенски отпад што може да орбитира околу Земјата стотици години. Станува збор за сателитот „Космос 2499“, кој, според податоците на американските вселенски сили, се распаднал на 3 јануари. Овој настан го затвори случајот со мистериозните операции на споменатиот сателит, а дополнително се зголеми количеството отпад што орбитира околу нашата планета.
Американските вселенски сили соопштија дека распадот на „Космос 2499“ произведе најмалку 85 парчиња што мора да се следат. Овие парчиња орбитираат на височина од 1.169 километри, што значи дека би можело да потрае повеќе од еден век пред да завршат во атмосферата.
Распадот на сателитот, како и неговата мисија остануваат мистерија. Сателитот беше лансиран со руска ракета „Рокот“ во мај 2014 година, иако не беше внесен во манифестот за лансирање. Американските сателитски трагачи првично го каталогизираа сателитот како парче отпад, но потоа забележаа дека објектот маневрира. За неколку месеци беше прекласифициран и именуван како „Космос 2499“. Американската војска продолжи да го следи сателитот и откри дека тој маневрирал на околу 530 метри од горната етапа на „Рокот“ неколку недели по лансирањето. Ова доведе до шпекулации дека „Космос 2499“ можеби тестира технологија што му овозможува на вселенското летало да фати и деорбитира други сателити.
Набљудувањата од земјата подоцна покажаа дека сателитот е широк помалку од 30 сантиметри и дека направил неколку маневри во текот на следните години. Без оглед на неговата вистинска намена, мистериозниот сателит го дополни проблемот со растечкиот вселенски отпад.
Меѓународната вселенска станица веќе мораше да направи неколку маневри за да избегне руски вселенски отпад од тестот за сателитско оружје спроведен во 2021 година. Американската приватна компанија „Спејс екс“ исто така беше критикувана поради бројот на интернет-сателитите „Старлинк“ што ги лансира во орбитата. Астрономите се пожалија дека сателитите им пречат на нивните активности.
Европската вселенска агенција тврди дека има околу 35.600 парчиња вселенски отпад со големина од околу 10 сантиметри што орбитираат околу Земјата. Овие парчиња се движат со брзина на куршум и во најлошото сценарио може да предизвикаат каскаден ефект познат како Кеслеров синдром, во кој отпадот би погодил поголем дел од „вселенската машинерија“, создавајќи уште повеќе остатоци. Ова би создало неодржливо количество вселенски отпад што може негативно да влијае на истражувањето на вселената, како и на астрономијата.