Пронаоѓањето живот надвор од Земјата е сон на секој астронаут и научник, а потрагата по сродни планети е еден вид свет грал на астрономијата. Сега, не толку далеку, откриена е планета што по големината потсетува на Земјата. Планетата засега го доби името К2-415б, а орбитира околу џуџеста ѕвезда на Млечниот Пат и е оддалечена 72 светлосни години од нас. Ова го откри меѓународен тим на астрономи од Јапонскиот астробиолошки центар.
Млечниот Пат има многу интересни светови во својот состав, но досега не добивме одговор на прашањето што човештвото отсекогаш го поставува – зошто сме тука и дали има слично место каде што има живот сличен на оној што го знаеме ние како вид. Истражувањето откри дека новооткриената К2-415б е 1.015 пати поголема од Земјата и орбитира околу една од најмалите ѕвезди, околу која досега се пронајдени слични тела. За првпат беше забележана во 2017 година, кога беше фотографирана од телескопот Кеплер. Потоа започнало истражување и во новообјавената студија добивме многу податоци, пред сѐ за масата, димензиите и должината на орбитата. Иако К2-415б е приближно со големина на Земјата, нејзината маса е трипати поголема, што покажува дека е погуста во структурата. Покрај тоа, таа е многу поблиску до својата матична ѕвезда отколку Земјата до Сонцето. Останува можноста во составот на К2-415б да има и други слични планети, кои сѐ уште не се откриени, а научниците велат дека е многу мала веројатноста да има живот на новооткриената планета.