Шенје е еден од најголемите француски поети, а романтичарите во него гледаат свој идол и идеал. Тој имал исклучителна сензибилност и ги оживувал античките естетски вредности. Станал жртва на Француската револуција кога бил гилотиниран само неколку дена пред крајот на власта на Максимилијан Робеспјер и јакобинците
Андре Мари Шенје бил привлечен од идеалите на Француската револуција и станал член на т.н. Општеството 89, умереното крило на револуционерите. Тој држел говори во клубот „Фејани“ и објавува статии во „Журнал де Пари“, со што започнала неговата кариера како политички новинар. Како интелектуалец се борел против неправдата и тиранијата, но ги одобрувал постапките на јакобинците. По затворањето на францускиот крал Луј Шеснаестти, чувствувал дека одбраната на принципите на Француската револуција во рамките на умереноста, законот и редот се утописка работа и, разочарувајќи се од настаните, решил да се повлече од јавниот живот. Шенје го напуштил Париз, но по одредено време се вратил во француската престолнина, нешто што се покажало како фатално. Бидејќи се залагал за ослободување на францускиот крал, бил осомничен дека соработува со монархистите и дека подготвува завера против револуцијата, односно против Робеспјер и јакобинците.
На 4 март 1794 година бил уапсен по грешка додека ги посетувал пријателите во Паси и бил одведен во полицискиот штаб во Консиержијата. Одговорните не сакале да го задржат бидејќи немало реална причина за тоа, но бил испратен во затворот „Сен Лазар“, каде што ги поминал последните четири и пол месеци од својот живот. Првобитно болница за лепрозни, „Сен Лазар“ за време на револуцијата е политички затвор, познат како „шпајз на гилотината“. Тука го запознал Жан-Антоан Руше, кој станал негов доверлив пријател, како и Луј де Лавал-Монморанси, опат на Монмартр; Вержен, но и Ж.Б. Сиве, кој го насликал неговиот најпопуларен портрет, и Еме де Коањи, војвотката од Флери.
На 24 јули 1794 бил изведен пред Револуционерниот суд, со обвинение дека пишувал против слободата, со наклонетост кон тиранијата, потоа дека учествувал на скандалозната завера во затворот (измислица на обвинителот Фукие-Тенвиј) и за помагање на озлогласениот монархистички генерал Димурје. Поротата обратила многу мало внимание кон обвиненијата и била брза во донесувањето на одлуката, која гласела – смрт. Заедно со 37 други затвореници бил однесен во Консиержијата, каде што, вечерта пред погубувањето, ги напишал своите последни стихови.
Бил обезглавен на 25 јули, на плоштадот „Бариер ранверс“. Во миговите пред да биде ставен на страшната направа, го допира своето чело и извикува: „Сепак, тука имаше нешто!“ Запаметен е како една од последните еминентни жртви во времето на власта на јакобинците, која завршува само три дена подоцна – со смртта на Робеспјер, за кого се верува дека не ги заборавил памфлетите на Шенjе и лично се ангажирал околу обвинението.
Шенjе како поетот маченик бил откриен дури во 1819 година, кога Анри де Латуш ги објавил неговите комплетни поетски дела, дотогаш чувани од неговото семејство како бесценета реликвија; тоа е период кога монархијата повторно е воспоставена, а револуционерните турбуленции се одамна минато. Веднаш станал идол на младите романтичари, кои во него гледаат претходник на нивното движење. Неговиот живот и, особено, неговите последни творби инспирирале голем број дела, меѓу кои се издвојуваат операта на Умберто Џордано и Дикенсовата Приказна за двата града. Д.Ст.