Комеморативна плоча во Воасинс, град Лувесиен, Ивелин, Франција. Автор - Анри Саломе

Истражувачите велат дека се бесмртни неговите стихови што биле напишани во затворот ноќта пред смртта. Тие треперат со воздишката на загубениот рај, но и со надежта дека неговиот живот е жртва кон подоброто утре, за што тој постојано копнеел. Исклучително импозантно дело се неговите јамби (стихови во наизменично повторување на 12 и 8 слога), исто така напишани во затворот.
Позната е приказната за затвореничката Еме де Коањи, за која луѓето веќе измислиле легенда. Многу нормално, Шенје веднаш бил пленет од убавината на 23-годишната девојка. По веќе овековечените Ликори и Фани, станува неговата последна муза, онаа што ги инспирира неговите последни, најубави стихови, оние на Младата Тарентинка (Jeune Tarentine). Оваа поема – заедно со сите други негови песни напишани во „Сен Лазар“, била кришум изнесена надвор од ѕидините на затворот во кошница со облека за перење – многу придонела за легендата за несреќната љубов помеѓу поетот и Еме де Коањи, која, секако, никојпат не се ни случила во вистинскиот живот. Всушност, малку е веројатно дека оваа муза би можела да биде „ангелското суштество“ што се појавува во поемата; повеќе е за верување дека тоа било само естетско сонување на големиот поет. Омажена на 16 години, Еме имала многу познати љубовници, како што бил неодоливиот Лозен, потоа лордот Малмесбери и Де Монтрон. Де Монтрон бил затворен во „Сен Лазар“ заедно со неа; тие и стапиле набрзо во брак (сопругот на Де Коањи бил во егзил поради револуцијата и набрзо починал) откако успеале да избегаат подмитувајќи ги стражарите со 100 златника.
Во нејзините мемоари, таа ниту еднаш не го споменува Шенје, и многу е веројатно дека не била свесна дека станала бесмртна поради песната на големиот поет.