Оваа драмска серија ги вовлекува гледачите во возбудлив вител од жешки теми и морално преиспитување

Нова мини-серија на Нетфликс

Ако редовно ги следите новите достигнувања од кујната на Нетфликс, тогаш овие денови сигурно сте слушнале за нивната нова мини-серија „Анатомија на скандал“, со Сиена Милер и Руперт Френд во главните улоги. Станува збор за адаптација на психолошкиот трилер роман на писателката Сара Вон од 2018 година, сместен во Велика Британија, кој во голема мера се заснова на сексот, политичката моќ и привилегиите на избраните што тие ги носат со себе.
Во срцето на приказната е британски пратеник обвинет за сексуален напад. Бидејќи ова е многу деликатна тема, како што е сексуалната согласност, оваа мини-драма ги вовлекува гледачите во возбудлив вител од жешки теми и морално преиспитување.

Врвна актерска екипа

Со вкупно шест тесно испреплетени сочни епизоди, оваа серија на Нетфликс беше повеќе од интересно и инспиративно четиво за актерскиот тим составен од врвни британски актери. Меѓу нив се издвојуваат Сиена Милер и Руперт Френд, кои брилијантно прикажуваат брачен пар што поминува низ голема криза предизвикана прво од неговиот секс-скандал со многу помладата соработничка, а потоа и од обвинувањето за силување од истата личност.
Оваа напната сложена приказна се одвива во две временски линии. Во сегашноста, истакнатиот член на британскиот парламент Џејмс Вајтхаус (Руперт Френд), згоден ториевец во Домот на лордовите, имал афера со својата асистентка Оливија (Наоми Скот). Кога е откриен, Вајтхаус со восхит зборува за својата сопруга и мајка на неговите две деца, Софи (Сиена Милер), нагласувајќи дека аферата не му значела ништо. По 12 години брак, Софи се појавува во јавноста, потчинувајќи се на улогата на сопруга на нападнат политичар, како што некогаш тоа го правеа Хилари Клинтон, Елизабет Едвардс и Џеки Кенеди. Но тоа не е крајот на драмата, бидејќи влогот се зголемува кога Оливија го обвинува Вајтхаус за силување за време на пауза во лифт, ставајќи го на обвинителна клупа спроти скрупулозната обвинителка Кејт Вудкрофт (Мишел Докери), која има актовка полна со свои тајни.
Во меѓувреме, приказната нѐ враќа на славните денови на г. и г-ѓа Вајтхаус во Оксфорд, каде што младата Софи го забележала згодниот Џејмс (Бен Ретклиф) во моментот кога нивните погледи се сретнале една вечер во клуб. Во тоа минато, во далечните сеќавања се закопани слоеви тајни, предавства и лажно алиби, кои под немилосрдниот поглед на Кејт и постепеното будење на Софи ќе се судрат со сегашните злосторства.

На животен крстопат

Што ќе се случи на крајот? Дали Софи ќе ја наведне главата и понизно ќе ја прифати одбивната улога на сопруга на обвинетиот политичар, играјќи ја улогата на жртва, дури и кога ќе се соочи со вистината? Или ќе собере сили да се збогува со Џејмс, заедно со нивните две деца, и така уште еднаш да го размрда тлото под неговите нозе?
Тука на сцена стапува обвинителката Кејт, чија позиција во целиот овој заплет е повеќе од интригантна и интересна. Имено, не само што и самата е жртва на сексуално насилство и сѐ уште се бори да се справи со траумите од студентските денови туку истовремено има афера со оженет маж, кој некогаш ѝ бил надреден. Постепено таа забележува паралели меѓу нејзиниот живот и животот на нејзината клиентка Оливија. Но прашањето е дали Кејт ќе успее успешно да го заврши овој случај.

Испреплетени животни приказни

Во серијата, која е во режија на С. Џеј Кларксон, тензијата се зголемува од епизода во епизода, бидејќи трите главни комплицирани и многу добро напишани ликови се судираат еден со друг – и на суд и во приватниот живот, но и во сеќавањата. Поради сето тоа, оваа серија на Нетфликс е многу слоевито и комплицирано дело, кое од своја гледна точка повторно го расветлува сексуалното насилство и се обидува да го разоткрие трнливиот пат на движењето „И јас исто така“ (#MeToo). Покрај тоа, серијата е насочена кон преиспитувањето на сомнителната сексуална согласност, силувањето и злоупотребата на дрога меѓу привилегираните членови на британскиот парламент и способноста на политичката елита да избегне одговорност.