Повеќе од 30 години поминаа откако во реакторот на нуклеарната електроцентрала во Чернобил се случи експлозија што доведе до нуклеарна катастрофа, чии последици се чувствуваат и денес. Билките и животните сѐ уште покажуваат високи знаци на радијација. Така, на пример, птиците околу Чернобил имаат значително помали мозоци од оние што живеат во неконтаминирани подрачја, стеблата растат побавно, а подрачјето е населено со мал број пајаци, пчели, пеперутки и скакулци.

Студијата објавена во списанието „Оекологија“ покажа дека се работи за нешто загрижувачко. Имено, радијацијата влијаела и на микроорганизмите, печурките и на некои видови инсекти што се заслужни за процесот на гниење. Овие организми се одговорни за клучната фаза на секој екосистем – рециклирање на органските материи назад во земјата. Авторите на студијата сметаат дека нефункционирањето на овој процес ќе има загрижувачки последици за целиот екосистем.

– Го истражуваме Чернобил од 1991 година и оттогаш забележуваме собирање големи количества отпад. Освен тоа, мртвите стебла во Црвената шума, позната по тоа што сите борови попримија црвенкаста боја по несреќата, не се распаѓаат. Освен неколку мравки на нив, мртвите стебла се недопрени откако ги видовме првпат – вели биологот од Универзитетот во Јужна Каролина и главен автор на студијата Тимоти Мојсеј.
Истражувачите откриле дека во подрачјата во кои немало радијација, од 70 до 90 отсто од лисјата се разградиле во текот од една година, но таму каде што имало лисја, тие задржале 60 отсто од својата тежина.

– Резултатот на експериментите покажува дека радијацијата ги оневозможува микроорганизмите да го разградат слојот паднати лисја на земјата. Тоа значи дека хранливите состојки не се враќаат во почвата, а тоа може да биде една од причините за бавното растење на стеблата во околината на Чернобил – вели Мојсеј.

Друга студија покажа дека на подрачјето му се заканува и пожар, а лисјата собирани во 27 години се добро гориво за голем пожар, кој би можел да ги пренесе радиоактивните честички надвор од забранетата зона. Тимот соработува со јапонските научници за да се провери дали и подрачјето околу Фукушима исто така е еколошки мртва зона како оваа.