Локалното население го нарече овој природен феномен „крвав снег“ или „снег со боја на лубеница“

Француските научници изразиле загриженост поради необичната појава на црвеникав снег на Алпите, за што сметаат дека е последица од климатските промени. Локалното население го нарече овој природен феномен „крвав снег“ или „снег со боја на лубеница“. Оваа појава е забележана уште за време на Аристотел, кој верувал дека црвената боја ја предизвикуваат црви. Меѓутоа, неа ја предизвикува цветањето на црвените алги, кои не се видливи со голо око, пишува „Ди еџ“.

Стручњаците од неколку француски научни институции (ЦНРС, ЦЕА, Метео Франс и Инра) тврдат дека алгите ја менуваат бојата за да се заштитат од УВ-зрачењето, а побрзо се шират како последица на глобалното загревање.

По проучувањето на ДНК на алгите, научниците откриле различни видови алги, вклучувајќи еден клучен црвен тип, наречен сангуина, кој живее на надморска височина од 1.980 метри. Алгите со фотосинтеза произведуваат големо количество кислород и ги има на дното на синџирот на исхраната. Меѓутоа, во одредени услови може да се создаде и токсичен материјал, што е парадокс бидејќи така тие сами себеси се уништуваат. Стручњаците веруваат дека снежните алги, веројатно, се показатели на климатските промени, но оти нивното зголемување може да го забрза намалувањето на мразот и на снежните капи.

– За жал, црвената боја предизвикува топење на глечерите, бидејќи послабо ги одбива сончевите зраци, па и снегот побрзо се топи – велат научниците.