Холандското кралско семејство изрази жалење за прекршување на превентивните мерки при прославата на 18-тиот роденден на идната кралица, принцезата Амалија, на која било поканет 21 гостин, пренесува „Гардијан“.

Според здравствените протоколи, во Холандија можат да се примат најмногу четири гости во домот и тоа на возраст над 13 години.

Холандскиот премиер Марк Руте испратил писмо до парламентот, во обид да ја оправда прославата.

– Семејството се стремеше одговорно да ги третира правилата за коронавирусот на овој собир на отворено, со преземање на сите мерки на претпазливост, вклучувајќи тестови и социјално дистанцирање – се наведува во писмото на Руте до парламентот.

Руте додава како кралот Вилјем-Александер го информирал дека сметал оти не била добра идејата за организирање на роденденска забава.

Собирот се одржал во саботата во паркот до кралската палата и од гостите се барало да бидат вакцинирани, да направат тест за ковид-19 и да ги почитуваат препораките социјалното дистанцирање.

Во писмото на Руте не е прецизирано колку луѓе присуствувале, но локалните медиуми ја цитираат владата дека била испратена 21 покана.

Принцезата Амалија го прослави својот 18-ти роденден на 7 декември кога беше претставена во холандскиот државен совет, највисокото советодавно тело на владата, поради достигнувањето на полнолетство.

Роденденската забава е последниот во низата пропусти на холандското кралско домаќинство за време на пандемијата, што ја уриваат нивната популарност.

Во октомври минатата година, кралското семејство негодуваше бидејќи беше принудено да го прекине одморот во Грција, откако Холандија влезе во делумно заклучување.