По средбата со Ким Кардашијан во Белата куќа, Доналд Трамп ја помилува жената за која старлетата се залагала.

Ѕвездата од реалните шоуа се сретна со претседателот на САД и со неговиот советник и зет Џаред Кушнер за да побара укинување на затворската казна на 63-годишната Елис Џонсон. Таа во 1996 година е осудена на доживотен затвор за трговија со дрога и перење пари, откако сите нејзини 15-мина соучесници сведочеле против неа.

– И покрај минималната улога на Џонсон во „кокаинскиот синџир“, таа ја доби највисоката казна – изјави нејзината адвокатка Британи Барнет.

Сега поранешната затвореничка е со своето семејство во градот Алисон, Алабама, откако вчера беше ослободена од казната.

– Многу сум благодарна на Доналд Трамп, Џаред Кушнер и сите кои покажаа разбирање и овозможија да се случи овој бесценет момент за г-ѓа Елис Џонсон. Ова значи надеж и за многу други како неа, коишто заслужуваат втора шанса – напиша Кардашијан на Твитер.