Присуството на големи групи кучиња-скитници на улиците и зачестените напади врз граѓаните предизвикуваат чувство на страв и несигурност. Во изминатиов период како да зачестија вестите дека некој некаде бил нападнат од куче. Новинарот Александар Блажевски јавно се огласи и ја сподели неговата немила случка во која бил нападнат од куче во Градскиот парк. И неговиот колега Јанко Илковски во својот статус на социјалните мрежи изјави дека син му бил нападнат и искасан од глутница кучиња во строгиот центар на градот. Во мај имаше два случаи во кој беше каснато 4-годишно девојче и грозоморен настан во Чаир во кој беа нападнати мајка и две деца од агресивен питбул. Според официјалните информации од Министерството за внатрешни работи, од јануари до април се регистрирани 146 напади предизвикани од кучиња, а само во мај годинава биле евидентирани 36 напади од кучиња. По ваквите вести и информации, граѓаните едноставно не се чувствуваат безбедно кога се движат по улиците, независно дали е тоа во ноќните или во раните утрински часови.
Не би сакал никој да биде нападнат од куче бидејќи штетата од доживеаната траума е ненадоместлива. Згора на тоа, каснатиот самиот си ја плаќа тетанус-вакцината. Доколку граѓанин го тужи градот Скопје затоа што бил каснат од улично куче, ќе добие отштета од 60 до 180 илјади денари. За претрпена физичка болка до 35.000 денари, а за претрпен страв до 30.000 денари или, пак, за душевна болка до 20.000 денари.

Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ апелираат до граѓаните редовно да пријавуваат каде виделе агресивни кучиња, и тоа на нивниот дежурен телефон 02/3216 644, за да може навремено да дејствуваат.
Ветеринарите тврдат дека кучињата се агресивни и може да нападнат во период на парење и кога се гладни.
– Не е толку драстично зголемен бројот на напади од кучиња, туку свеста на луѓето е зголемена за ваквите настани. Луѓето се свесни што се случува и реагираат. Од друга страна, драстично е зголемен бројот на жители, а со тоа и бројот на миленици. Не сите миленици се посакувани. Тие што не се посакувани ги оставаат во предградијата на Скопје. Евтаназија или кој било друг вид справување со непосакуваното куче е болен чин, затоа оставањето со знаење дека ќе биде стерилизирано е варијанта на која се одлучуваат голем дел од луѓето. Постоењето опција на бесплатна кастрација им овозможува на сопствениците што ги оставаат милениците да останат со „чиста совест“. Кастрираните кучиња се помирни. Тоа е така затоа што немаат сексуален нагон. Кучињата се агресивни во периодот на парење, а периодот на парење може да биде кога имаат најдобри услови за создавање на потомството. Затоа најчесто кучињата што напаѓаат се женки – објаснува ветеринар од Скопје, кој сакаше да остане анонимен.

Познавачите на состојбите со кучињата велат дека ако се почитува законот, голем дел од негативните импликации што ги забележуваме би се намалиле. Доколку се однесуваме поодговорно и кога би постоеле ригорозни санкции за непочитување на одговорноста, луѓето убаво би размислиле дали да имаат куче. Ветеринарите се согласни дека е потребно само да се почитува законот. Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, Законот за заштита и благосостојба на животните и Законот за јавна чистота предвидуваат казни за сопствениците на миленичиња доколку тие не ги почитуваат јасно набележаните законски одредби. Казна треба да добијат и сопствениците на кучиња што на јавно место ги шетаат без поводник и маска, а глобата е од 100 до 400 евра. Исклучок од ова се ловечките кучиња за време на лов и овчарските кучиња што придружуваат стадо. Kазната за неврзани кучиња изнесува 30 евра. И сопствениците на опасни кучиња имаат законска обврска да ги чуваат животните во заграден простор или тие треба да се врзани. Законот за јавна чистота за секој што ќе фрли каков било отпадок, во кој спаѓа и изметот на домашните миленичиња, предвидува казна од 50 евра.