Телевизиската серијата „Зоки Поки“ започнува со емитување в понеделник, 4 мај, на Македонската радио-телевизија. Десетте епизоди ќе се емитуваат секој понеделник и четврток во 20.15 часот на Првата програма, со репризи наредниот ден и во сабота и во недела. Главните ликови ги оживуваат: Матеј Настевски ја толкува улогата на Зоки Поки, Анастасија Аневска ја игра Лидија, Матео Матоски, односно Боки и Матеј Зимбаков го глуми Гоки. Тие го опишуваат искуството со снимањето на серијата како фантастично и возбудливо.

Покрај детската екипа, во серијата играат и Сашко Коцев и Даниела Иваноска, кои ги глумат родителите на Зоки и Сабина Ајрула-Тозија, која ќе ја видиме во улогата на неговата баба.
Модерната екранизација на култната детска книга на писателката Оливера Николова, е во продукција на „Кино око“, во копродукција со Македонската радио-телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија.

Режисери на серијата се Александар Поповски и Марија Апчевска, а режисери на епизоди се и Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Сценаријата за серијата ги пишуваа Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска.
Десетте епизоди од првата сезона обработуваат внимателно одбрани теми и приказни од книгата со која имаат израснато многу генерации.