Актерот и режисер Коле Ангеловски и костимографката Зорка Тодорова-Младеновиќ се годинашните добитници на наградата „златен објектив“, одлучи управниот одбор на Кинотеката на Македонија. По повод својот роденден, Кинотеката секоја година им го доделува „златниот објектив“ на филмски работници што преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

– На 29 април 1974 година е објавен Законот за формирање кинотека во „Службен весник“, со задача да собира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење. Оттаму, „златниот објектив“ се доделува во овој период од годината, значаен за основањето на Кинотеката – велат од институцијата.
Досегашни добитници на ова признание беа режисерите: Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмската критичарка Илинденка Петрушева, монтажерот Димитар Грбевски и костимографката Елена Дончева.

Никола Ангеловски-Коле (1943) е филмски, телевизиски и театарски актер и режисер, сценарист и драматург. Првите актерски улоги ги има уште како дете, во детската радиодрама и детскиот куклен театар, но на филм дебитира во 1962 година, во југословенскиот филм „Саша“ на Раденко Остоиќ. Дипломирал актерство на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград, а од 1967 година па до пензионирањето работи во Драмскиот театар во Скопје. Добитник е на голем број награди за своите филмови и улоги, филмски и театарски, и покрај Петре Прличко и Илија Џувалековски, е еден од македонските актери што оствариле најголем број улоги во југословенската кинематографија, покрај во домашната, македонската.

„Битката на Неретва“, „Жед“, „Лито виловито“, „Да се дојде и остане“, „По Коњух Планина“, „Македонска крвава свадба“, „Оловна бригада“, „Јужна патека“, „Нели ти реков“, „Собирен центар“, „Црвениот коњ“, „Храненик“ се само неколку од многуте филмови во кои се појавува Ангеловски. Во 1973 година го режира својот прв долгометражен игран филм „Татко (Колнати сме, Ирина)“, според романот на Живко Чинго, со Велимир Бата Живоиновиќ, Неда Арнериќ и Мето Јовановски во главните улоги, а во 1988 и 2017 година филмските комедии „Викенд на мртовци“ и „Ах, љубов моја“.

Зорка Тодорова-Младеновиќ (1943) е филмска и театарска костимографка, модна дизајнерка и авторка. Дипломирала на отсекот по сценографија и костимографија на Националната школа за декоративни уметности во Париз, Франција, во 1968 г., по што се вработила во Радио-телевизија Скопје како костимографка за ТВ-серии, драми и забавно-музички емисии. Истовремено работи костими и за играни филмови („Мементо“, „Жед“, „Истрел“, „Исправи се, Делфина“, „Црвениот коњ“, „Мемо, мојот татко“, „Хај-фај“, „Војната заврши“ итн.) и за театарски претстави (во Драмскиот театар, Кумановскиот, Битолскиот театар, Театарот на националностите, театарот „Пралипе“). Во 1977 година специјализира изработка на костим на Школата на синдикалната комора за висока мода во Париз и почнува поинтензивно да работи во македонската текстилна индустрија и конфекција.

Подоцна предава Историја на облека и Модно креирање како доцентка на ФЛУ и вонредна професорка на ТМФ, каде што се пензионира. Авторка е на костимографски решенија за повеќе од 90 филмски, телевизиски и театарски проекти, како и на околу 200 историски костими за восочните фигури изложени во редовните поставки на Музејот на македонската борба за државност и самостојност и Археолошкиот музеј во Скопје.
Наградата на Ангеловски и на Тодорова-Младеновиќ свечено ќе им биде врачена кога ќе се создадат поповолни услови за манифестации од ваков вид и за организирање културни настани и собирања.