Околу 400 истакнати личности од културниот и уметничкиот живот во Велика Британија ја повикаа Владата да ги заштити британските креативни индустрии, откако истражувањето на Федерацијата на креативните индустрии (ЦИФ), спроведено на примерок од 2.000 организации и слободни уметници, покажа дека една од седум креативни организации верува дека веќе во мај нема да може да опстојуваат, а и досега функционирале благодарение на финансиските резерви

Пандемијата ги доведе и некои од најбогатите културни сцени на работ на опстанок. Тоа го покажува предупредувачкото писмо на повеќе од 400 истакнати личности од културниот и уметничкиот живот во Велика Британија, меѓу кои се: Стивен Фрај, Грејсон Пери, Аниш Капур, Џереми Делер, Боб и Роберта Смит, Ник Кејв, Пи Џеј Харви, Џони Мар, Руфус Вајнрајт, како и челниците на низа институции како „Ројал Алберт хол“, операта „Ројал“, Шекспировиот театар „Глоб“, музејот „Тејт“, Лондонската филхармонија, „Пингвин рендом хаус“, Англискиот ПЕН-центар, низа универзитети… Потписниците на апелот од областа на културата и креативните индустрии ја предупредуваат Владата дека Британија ќе стане „културна пустелија“ без финансиската поддршка на креативните индустрии поради последиците од коронавирусот.

– Ја повикуваме Владата да ги заштити британските креативни индустрии. Нашиот креативен и културен сектор е во криза. Истражувањето на Федерацијата на креативни индустрии (ЦИФ), спроведено на примерок од 2.000 организации и слободни уметници, покажа дека една од седум креативни организации верува дека веќе во мај нема да може да опстојуваат, а и досега функционирале благодарение на финансиските резерви. Само половина од нив сметаат дека ќе опстанат подолго од јуни – предупредија потписниците на писмото и нагласија дека не смее да се дозволи Британија да изгуби половина од својот креативен бизнис и да стане културна пустина.

Истакнувајќи дека креативниот сектор е важен и за севкупното британско економско закрепнување, потписниците на писмото ја повикаа Владата да реагира брзо и да обезбеди ургентно финансирање на креативните и културните организации што се загрозени од пандемијата. Писмото до Владата, односно до министерот за финансии и до секретарот за дигитализација, култура, медиуми и спорт, следуваше по истражувањето, според кое, 5 отсто од испитаниците веќе изгубиле 100 отсто од своите приходи.
Директорката на ЦИФ, Керолин Норбери, изјави дека британските креативни индустрии иако се меѓу водечките во светот, се во голем проблем имајќи предвид дека музеите и кината се затворени, снимањето филмови е одложено, фестивалите се откажани…

– На креативните организации и професионалци им е потребна готовина, и тоа сега. Иако ги поздравуваме владините мерки за бизнисите и самовработените, знаеме дека има уште илјадници креативни организации и слободни уметници што пропаѓаат и кои нема да ја преживеат оваа криза без ургентна парична помош – порача Норбери.
Меѓу потписниците на апелот се претставници на сите сектори на културата, како претставници на институции така и на независни организации, еснафски здруженија и слободни уметници, како и претставници на комерцијалните галерии, студија, медиуми, но и на градските власти. Апелот до Владата го потпишаа уште и претставниците на Бордот на Кралските музички школи, компанијата за театарска уметност „Норт Вест“, театарот „Миракл“, Здружението на лондонските театри, „Јорк театар ројал“, „Артс имерџенси“, галеријата „Вајтчепел“, музејот „Џ. Пол Гети“, Британската фонографска индустрија, Факултетот за креативни и културни индустрии на Универзитетот во Портсмут, колеџот „Кингс“ во Лондон, Би-би-си Радио 3, Форумот на музички менаџери, „Артс депот“, магазинот „Вог интернешнал“, Асоцијацијата на фотографи, Британскиот институт за дизајн и ентериер, Лондонската и Бергенската филхармонија, Асоцијацијата на британските уметнички фестивали, Англискиот ПЕН-центар, Шкотскиот балет, Лондонскиот симфониски оркестар, Асоцијацијата на професионални издавачи, колеџот за уметност „Ројал“, Британската коалиција за културен диверзитет, Асоцијацијата на британските театарски техничари, Манчестер – УНЕСКО град на книгата…

Инаку, креативните индустрии во британската економија во 2019 година придонесоа со вкупен износ од 111,7 милијарди фунти. Британскиот министер за финансии Риши Сунак во март најави план за исплата на 80 отсто од досегашната заработка за самостојните работници, но се најде на удар на критика бидејќи се заклучи дека многумина се неподобни за каква било финансиска помош во рамките на шемата што ја осмисли.
Уметничкиот совет на Англија одобри 160 милиони фунти за помош на организациите и уметниците, покрај 50 милиони за организација надвор од неговото национално портфолио, како и дополнителни 90 милиони фунти за националните организации.