Бистата на момчето-фараон Тутанкамон беше продадена на аукција во Лондон за речиси шест милиони долари, и покрај барањето на Египет да биде вратена на државата, пренесува „Гардијан“.

Бистата стара повеќе од 3.000 години беше изложена во аукциската куќа „Кристис” во Лондон. Купувачот останал анонимен.

Пред аукциската куќа дваесетина демонстранти стоеле со плакати и мирно протестирале. На плакатите пишувало „Египетската историја не е на продажба“.

Египет веќе подолго време бара да се вратат артефактите одземени од страна на археолозите.

– Ние сме против тоа нашето наследство и вредните предмети да се продаваат како овојшје и зеленчук – рекол Ибрахим Ради (69), еден од демонстрантите пред аукциската куќа.

Ценејќи ја бистата како „ретка“ и „прекрасна“, од „Кристис“ одговорија на бројните контроверзи поврзани со нив, наведувајќи дека биле преземени сите неопходни мерки за да се докаже потеклото на бистата и оти продажбата била легитимна.

– Ние сме свесни дека историските објекти можат да започнат комплексни дискусии за минатото, но и покрај тоа, нашата улога, денес, е со работата да продолжиме да обезбедуваме транспарентен и легитимен пазар, кој е со највисок стандард за пренос на предмети. Во врска со бистата на Тутанкамон, знаеме дека станува збор за многу познато дело и истото никогаш не било предмет на устрага – велат од аукциската куќа.