Десетици Сомалијци позираа за самослик и возбудено разговараа, додека го чекаа почетокот на првото прикажување филм во нивната земја во последните три децении, пренесе „Ројтерс“. Сомалијците платија по околу седум евра за да гледаат два филма, „Хоос“ и Дате фром Хел“, исто така, мораа да поминат низ неколку контролни пунктови за да стигнат до строго чуваната зелена зона, во која се сместени киното, претседателската палата и парламентот.
Националниот театар, кој е подарок од кинескиот диктатор Мао Ѕедунг, беше отворен во 1967 и беше важен двигател на културниот развој на Сомалија во 1970-тите и 1980-тите, како и место за богатата традиција на раскажување приказни во Сомалија, настапи и панафрикански филмски фестивали во 1980-тите.
Сомалискиот театар беше затворен во 1991 година, на почетокот на граѓанската војна и беше користен од разни вооружени групи во борбата за контрола на главниот град. Истиот тој беше отворен во 2012 година, откако беше обновен од мисијата на Африканската унија во Сомалија (Амисом), но веднаш беше урнат од милитантите на исламистичкиот Ал шабаб, кои веруваат дека филмовите се неморални.
– Последен пат гледав филм во кино во 1991 година – изјавил жителот на Могадишу, Хасан Абдулахи Мохамед.