Судејќи според резултатите од експеримент спроведен во Финска, кога децата поминуваат само еден месец играјќи меѓу зеленилото и вегетацијата на мала шума, доволно е да го сменат имунолошкиот систем.
Откако поставија тревник во финска градинка, засадија ниска шумска вегетација и им дадоа на децата задачи за редовна грижа за растенијата во палети поставени во дворот, се покажа дека разновидноста на микроорганизмите во дигестивниот систем на децата и нивната кожа за многу кратко време станаа поздрави.
Во споредба со другите градски деца, кои обично играат во типични урбани градинки опкружени со бетон, поплочени површини и чакал, кај децата на возраст од три, четири или пет години што поминале време во вакви зелени градинки во Финска се покажало покачено ниво на Т-клетките и на други важни маркери на имунитетот во крвта по само 28 дена.
– Забележавме и дека цревната флора на деца што поминаа време во зеленило беше слична со онаа на децата од руралните области, кои секојдневно ја посетуваат шумата – рече Марја Росланд, научничка на Универзитетот во Хелсинки во 2020 година, кога беше објавен нејзиниот научен труд.
Истражувањата покажаа дека изложувањето на зелени површини е некако поврзано со правилното функционирање на имунолошкиот систем кај луѓето, но сѐ уште не е утврдено дали постои јасна причинско-последична врска за тоа. Во финскиот експеримент, првпат научниците се обидоа експлицитно да манипулираат со урбаната средина во која децата поминуваат време, а потоа да ги испитаат промените во микроорганизмите во нивните тела, а со тоа и во нивниот имунолошки систем.
Иако резултатите од истражувањето не ги даваат сите одговори, сепак се чини дека ја поддржуваат главната теза – дека промената на микробите во околината релативно лесно може да влијае на микробите во телото на детето, што им помага и го зајакнува имунитетот.

Идејата дека средината богата со живи суштества влијае на нашиот имунитет е она што експертите го нарекуваат „хипотеза за биолошка разновидност“. Врз основа на оваа идеја, губењето на биолошката разновидност во урбаните области може да биде барем делумно причина за забележаното зголемување на инциденцата на болести поврзани со имунитетот.
– Резултатите од оваа студија ја поддржуваат хипотезата за биолошка разновидност и концептот дека ниската биолошка разновидност во модерната средина во која живеат луѓето може да доведе до „неинформиран“ имунолошки систем и со тоа да доведе до почести заболувања со посредство на имунитетот – велат авторите на студијата.
Во истражувањето биле анализирани микроби пронајдени во дворовите на 10 различни урбани градинки, кои ги користат вкупно 75 деца на возраст од три до пет години. Некои од тие градинки имале типични урбани дворови со бетон и чакал, додека во четири градинки имало засадено трева и шумска вегетација во своите дворови. Во период од 28 дена, на децата во тие четири градинки им било дозволено да играат пет пати неделно во новиот зелен двор.