Денеска на Средно Водно се одбележува Светскиот ден на планината

Денот на планината е создаден за да можеме да ги согледаме чудесноста и магијата на планините околу нас. Меѓународниот ден на планината се слави на 11 декември за да се создаде свест за важноста на планините за животот, да се истакнат можностите и ограничувањата во развојот на планините и да се изградат сојузи што ќе донесат позитивни промени. На Меѓународниот ден на планината сите љубители на планината и природата се вклучуваат во дискусии за тоа како да се постапува за најдобро да се зачува кревката планинска средина – односно флората и фауната.
И кај нас секоја година се одбележува важноста на овој ден. Комисијата за планинарски водичи (КПВ) и планинарските водичи од водњанско-караџискиот (скопски) регион организираат презентации на теми од планинарењето во зимски услови, во рамките на активностите на ФПСМ за одбележување на Светскиот ден на планината 2020.
Денеска, од 11 до 13 часот, на Средно Водно, до домот „Шесте чешми“ ќе бидат одржани презентации на неколку теми. Вовед во Светскиот ден на планината 2020, со годинешната глобална тема „Планински биодиверзитет“, е првата тема. Потоа следува презентација за лична опрема за зимска сезона, како и презентација на планинарска техничка опрема за зимски планинарски акции и движење во зимски услови, а последно е предавањето „Опасности, безбедност и спасување во зимски услови“.

– Глобален приоритет на Светскиот ден на планината 2020 е чување и грижа за богатиот планински биодиверзитет и природните екосистеми, заштитени од експлоатација и загадување од човек – планини од отпадоци, реки од пластика и неодржлива експлоатација на природата се закануваат со комплетна деструкција на планините, реките, езерата и околината, заедно со целиот жив свет во нив, вклучувајќи го и уништувачот, човекот. Затоа приклучете се во прославата на Светскиот ден на планината 2020 во нашата планинарска заедница со фотографии од настанот или од планини и планински места што ќе ги посетите овој викенд. Да оставиме свој отпечаток во едно глобално движење и кревање на свеста за безбедно развивање на планинарењето во зимски и летни услови, чиста природна околина, со строго чување и почитување на планините, планинарските патеки и природата. Не загадувајте и не уништувајте оти планините се важни – информираат организаторите на настанот.
За да бидат активно вклучени и најмладите планинари во ова глобално движење, тие ги потикнуваат да создадат литературна или ликовна творба на тема „Планините се важни“.

– Творбите можете да ги донесете в сабота на Средно Водно, заедно со авторчињата-планинарчиња, по можност без автомобил, или да ги објавите онлајн во рамките на настанот. Сите дела ќе бидат објавени и изложени во рамките на настанот и активностите на ФПСМ – затоа што навистина се важни – додаваат организаторите.
Планините зафаќаат околу 27 проценти од површината на Земјата. Планините имаат околу половина од жариштата за биодиверзитет. Околу 30 проценти од сите клучни области со биолошка разновидност се наоѓаат во планините. Планинскиот биодиверзитет обезбедува храна и лековити растенија, како и одржување на квалитетот на водата, почвата, воздухот.