Ракета со големина од 68 метри беше лансирана од Кејп Канаверал, САД, во 2006 година, носејќи ја сондата тешка околу 450 килограми, наречена „Нови хоризонти“, чија цел беше да се пробие милијарди километри низ вселената до најдалечната планета во Сончевиот систем, Плутон, пишува „Њујорк пост“.

„Првата мисија на последната планета“, како што е позната, е опишана во книгата „Во потрага по нови хоризонти“: Епската мисија на Плутон“.

– Плутон беше последниот предизвик. Што друго можеше да биде поголем предизвик за полето на вселенското истражување – вели Алан Штерн, еден од авторите на книгата.

Идејата за истражување на Плутон била родена во 1989 година, на научна конвенција во Балтимор, САД. Тој состанок го почнал движењето за убедување на Американската вселенска агенција (НАСА) да ја испланира и финансира мисијата. Но, мислењата за мисијата во НАСА биле поделени, па расправата за траела со години, пред да добие согласност во 2000 година. 

Откако бил избран дизајнот на сондата со која треба да се реализира мисијата, било извесно дека леталото треба да се лансира во следните четири до шест години, во рамките на мисијата што ќе чини вкупно 700 милиони долари. Поради оддалеченоста на Плутон, сондата требала да биде на погон на плутониум, наместо на соларни панели.

Сондата била опремена со модерни инструменти за истражување на вселената, како што се камера, спектрометар и апарат за анализа на честички, а таа ја пренесувала и урната на Клајд Томбо, астрономот што ја откри планетата Плутон во 1930 година.

Истражувачкиот тим се соочил со неочекувани вести во август 2006 година, со информацијата оти Плутон веќе не се смета за планета, односно дека станува збор џуџеста планета. Но, мисијата продолжи, за по безмалку десет години, леталото да дојде во ситуација да ја истражува џуџестата планета на само неколку часа.

„Нови хоризонти“ помина покрај Плутон во јули 2015 година, што беше целта, собирајќи важни податоци. За испраќање на податоците била потребна уште една година. Откритијата ги изненадиле истражувачите, бидејќи забележале кањони и планини, а се испоставило и дека теренот е геолошки активен.

– Тоа не требаше да биде случајот со џуџестата планета, каква што е Плутон. Таа требаше да се излади и да престане да еволуира, а не да биде активна и по четири милијарди години од формирањето. Но, се чини дека џуџестата планета Плутон не ја интересираат информациите во учебниците, затоа што уште е активна – објаснува Штерн.

Леталото открило и азотен глечер, дало нови информации за орбитите на месечините на Плутон, како и за течниот океан под површината. Се очекува сондата „Нови хоризонти“ да стигне до Кајперовиот појас до почетокот на идната година, за да проучи колекција на карпести небесни тела. Тоа ќе биде најдалечниот субјект во вселената што бил проучуван досега.