Нов апартман, со примеси на кралска магија неодамна беше претставен во „Ледениот хотел“ (Icehotel) во Шведска, кој е еден од најстудените хотели во светот.

Овој луксузен апартман наречен „Сон на летната ноќ“, е првиот со цветни елементи и растенија, во култниот леден хотел кој се наоѓа на 200 километри северно од Арктичкиот круг во Јукасјарви, пишува „Си-ен-ен Травел“.

Првиот хотел во светот изграден од снег и мраз во своето 32-годишно постоење претстави сосема нов апартман дизајниран од принцот Карл Филип Бернадот од Шведска и неговиот деловен партнер Оскар Килберг.

Ѕидовите на апартманот се украсени со ледени блокови исполнети со шарени цвеќиња, додека од таванот виси леден цветен лустер. Бернадот и Килберг велат дека сакале да создадат впечаток кој го одразува искуството од славењето на летната краткоденица, еден од најважните празници во Шведска.

– Има ли подобар начин да се покаже вистинскиот карактер на мразот отколку да се спојат најнежните и најубави шведски летни цвеќиња во арктичката средина? За нас Швеѓаните летото, а особено летната ноќ е исполнета со митови и легенди. Скандинавската природа, која нѐ опкружува со цвеќиња и мраз, игра огромна улога во нашето културно образование и влијае на тоа кои сме ние како нордиски народ и Скандинавци – велат дизајнерите.

Бернадот, синот на шведскиот крал Карл Густав и кралицата Силвија, во 2012 година ја основа дизајнерската агенција „Бернадот и Килберг“ со својот пријател, дизајнерот Килберг.

Ова е првпат да работат на проект кој целосно се состои од мраз и снег.

Овој дизајнерски тим беше избран меѓу 32 уметници за да ја создаде најновата верзија на сезонскиот хотел од 2.870 квадратни метри, кој овојпат се состои од 12 уметнички апартмани, 24 ледени соби и една сала за балови.

„Ајсхотел“ е основан од Ингве Бергквист далечната 1989 година и оттогаш се гради и реновира секоја зима.


Во 2016 година беше пуштен во употреба „Ајсхотел 365“, дел кој работи цела година и е опремен со технологија за ладење на соларна енергија. Има бар, уметничка галерија и неколку апартмани.

Според официјалната веб-страница на хотелот, температурата во внатрешноста е „константна од минус пет до минус седум Целзиусови степени.

Туристите кои резервираат сместување добиваат „вреќи за спиење во стил на поларна експедиција и курс за преживување кој ќе им помогне да се прилагодат на ледената средина.