Небојша Гелевски во рубриката на Фејсбук „Ново МК знаме“ објавил 66 авторски знамиња. Неговото прво знаме е направено за кампањата „Протестирам“ во 2011 г., која го симболизираше активизмот на твитер-заедницата

Небојша Гелевски, неодамна креира рубрика на Фејсбук со хаштаг новоМКзнаме, каде што има објавено 66 знамиња, но ист е бројот и на сѐ уште необјавените. Неговите знамиња се оригинални, активистички, политички, спортски, културни… Имињата што им ги дава се најчесто исклучително кратки, бидејќи, како што вели, поважно му е делото само да зборува, а името е само асоцијација.

– Опфаќам доста теми, а би издвоил и еден цел сет знамиња – илустрации за книгата „Многудетна“ од твитерџијата @therealpsmst. „Многудетна“ и знамињата што ја следеа се поетско-дизајнерска критика на скапите кампањи на минатата влада за многудетно семејство – трето дете, антиабортус и сличните конзервативно-популистички кампањи. Моето знаме со дигитална тупаница стана и едно од неофицијалните лога на Шарената револуција – вели Гелевски.

Неговото прво знаме е направено за кампањата „Протестирам“ (2011 година), која го симболизираше активизмот на твитер-заедницата од Македонија. Подоцна серијата продолжи со навивачки знамиња за македонската кошарка и ракомет, а има и серија дизајни како реакција на состојбите во Македонија.

– Дизајнот е јазикот со кој најчесто се служам, мојот одговор на случувањата околу мене и во мене. Тоа е мојот пристап да проговорам за проблемите, да отсликам одредена (политичка) ситуација како ја гледам, да повикам на активистичка акција, да се израдувам на некој спортски или културен успех… Честопати правам само духовита интерпретација на некој апсурден (политички) момент или изјава од Македонија.

Најчесто сум инспириран од дневнополитички случувања, но понекогаш правам и знамиња што не се поврзани со актуелни случувања. Сепак, најголем број се реакција на политичките бисери – вели Гелевски.

Неговите дизајни се дел од граѓанските, активистички движења што поддржуваат теми и прашања, кои смета дека ја придвижуваат Македонија кон подобро, како што се „На точак“, „Елка МК“, „Крводарители“, „Спас за Водно“, „Го сакам ГТЦ“ и други.

– Исклучително важно е ние дизајнерите да бидеме општествено одговорни, па преку нашите дизајни да се обидеме да ја направиме Македонија попристојно место за живеење. Моќта на графичкиот дизајн е огромна, пораката многу полесно се испраќа и се шири ако е визуелна, сликовита. Во сите понови активистички движења низ светот, дизајнерите играат важна улога со создавање графичка поддршка на акциите. Во последно време уживам во пренесувањето на моето дизајнерско искуство на студентите од академијата за графички дизајн „Брејнстер“. Ми се допаѓа кога гледам млади луѓе со голема желба да научат и да работат во полето на графичкиот дизајн. Компјутерите и вештачката интелигенција, за среќа, сè уште не дошле да ни ја земат работата – категоричен е Гелевски.