Неодамна, македонскиот моден бренд „Лудус“ ја лансира колекцијата за сезоната пролет-лето 2020, насловена „Постродовост – поглавје II“. Промоцијата беше целосно дигитална, со оглед на новонастанатата ситуација со пандемијата на ковид-19 и се состоеше од видеокаталог што беше сниман на крајот на февруари во Музејот на современата уметност во Скопје.

Колекцијата ги разработува темите започнати со првиот дел и е подлабоко истражување во идеологијата за општество сместено во иднината, каде што родовите улоги се целосно избришани. Односите меѓу половите, социо-политичките прашања и други философски погледи на постродовоста, се постојан извор на инспирации за дизајнерот. Покрај тоа, оваа колекција е заснована на апстрактни теми како насилството и психичката абразивност, како и делата и „анархитектурата“ на Гордон Мата Кларк.

Второто поглавје се состои од 24 целосни изгледи и над 50 парчиња облека со што досега е најголема колекција од брендот. Изработена е од природни материјали како памук, свила, лен и памучен сатен во препознатливите издолжени силуети, во монохроматска палета разбиена со лаванда и маслинеста боја. Новитет овој пат е играта со поставувањето на патентите, кои при нивната функција ги трансформираат парчето и силуетата.