Највисокиот врв во Западна Европа, Мон Блан, е речиси за еден метар понизок од пред четири години, велат експертите. Врвот на Мон Блан секогаш е покриен со слој на постојан снег чија длабочина варира поради силните ветрови и врнежите. Географските експерти велат дека по експедицијата спроведена кон средината на септември годинава, било утврдено дека врвот во центарот на француските Алпи е висок 4.807,81 метри, а во 2017 година бил висок 4.808,72 метри.
– Собраните податоци сега треба да бидат прегледани од климатолози, експерти за глечери и други научници за да ги претстават своите теории за овој феномен – соопштија истражувачите во градот Сен Жерве-ле-Бејн, во подножјето на Мон Блан.
Во изминатата деценија, висината на Мон Блан беше во надолна траекторија, а најголемата висина била измерена во 2007 година – 4.810,90 метри. Експертите наведуваат дека од 2001 година наваму, Мон Блан губи просечно по околу 13 сантиметри годишно.