При секое вклучување на Тиндер, секој поединец автоматски ги открива своите џипиес-координати и андроид-лична карта на најмалку шест маркетинг-компании, а некои од нив успеваат да ги откријат дури и информациите за полот што корисникот го претпочита за интимни односи од неговиот мобилен телефон. Од неверојатното кршење на одредбите за заштита на личните податоци не се заштитени дури ни жените што ги бележат своите периоди или плодни денови на мобилните телефони. Ако решиле да ги задржат овие информации со апликацијата Мај дејс, тие ги испратиле своите џипиес-координати до три различни маркетинг-компании и безжичните мрежи што ги користат на интернет, но брокерите за податоци на компанијата „Плејст“ откриле и многу повеќе од тоа – им бил доставен список на сите апликации што моментално ги инсталирале на своите мобилни телефони и тоа без никаква свест за последиците од таквото „протекување на податоците“.

До ова шокантното откритие дојде норвешката компанија за заштита на потрошувачи „Форбрукридет“, инаку финансирана од норвешката влада, која објави студија на 170 страници, под наслов „Надвор од контрола: како интернет маркетинг-индустријата ги експлоатира потрошувачите“. Тие ја ангажирале компанијата за компјутерска безбедност „Мнемоник“ и двајца правни експерти за да тестираат и анализираат како десетте најпопуларни апликации за Андроид ја кршат општата регулатива за заштита на податоците. Многу брзо се заклучило дека секоја норвешка круна инвестирана во ова истражување била оправдана, бидејќи деталната анализа покажала дека десет апликации, податоците за корисниците ги откриваат најмалку на 135 трети лица, од кои повеќето се маркетинг-компании.

Едноставно кажано, потрошувачите се манипулираат затоа што одлуките за нивните набавки практично се донесуваат надвор од нивната сфера на влијание, а маркетинг-компаниите се во плус затоа што веќе не мора да трошат пари на конзервативни, но значително помалку успешни начини на рекламирање.