Раното дело на светски познатиот уметник Демијан Хирст

Раното дело на светски познатиот уметник Демијан Хирст, орманче за лекови полно со шишенца пилули, ќе се најде на аукција за дури 2 милиони евра, 30 години откако сопственикот го купи само за 700 евра. Уште во 1989 година, љубителот на уметност, тогаш 28-годишниот Роберт Тиблс, го купи неконвенционалното дело на Хирст. Пријателите му се потсмеваа, зборувајќи му дека ги фрлил парите во ветер и купил ѓубре, не ни сонувајќи дека еден ден тоа орманче ќе постигне цена од вртоглави 2 милиони евра.

Ова дело на Хирст, кој тогаш се пробиваше на уметничката сцена, а денес е еден од најбогатите живи уметници, ќе се најде на аукција заедно со остатокот од колекцијата на Тиблс, во која има и дела од Мајкл Грег-Мартин и Гилберт и Џорџ.

– Тоа орманче ми остави длабок впечаток. Не можам да објаснам зошто морав да го купам, ама морав. Долго време луѓето се подбиваа со мене, велејќи ми „што ќе ти е ова во соба“ – изјави Тиблс, кој почнал да собира уметнички дела додека бил млад брокер.
И самиот Хирст се огласи на Инстаграм, каде што изјави дека многу добро се сеќава на Тиблс, кој верувал во него кога никој друг не верувал и му помогнал да ги направи првите чекори на уметничкиот пазар.

– Ова е едно од првите орманчиња што ги направив од вкупно 12. Тогаш немав асистенти, па ги составував сам, во својата кујна – откри Хирст, кој често изложува дела во кои продолжува да ја истражува естетиката на таблетите, медикаментите, шишињата и пилулите, и „духовната“ врска на човештвото со фармацевтската индустрија.