Тијана Периќ – ново име на естрадата

Тијана Периќ (19) со музика се занимава уште од најрана возраст. По завршувањето на Средното музичко училиште се запишува на ФМУ. Клавир свири 12 години и досега имала многу концерти и натпревари. Талентот за музика го наследила од татко ѝ, кој е наставник по музика, а голем придонес во нејзината музичка наобразба имаат и професорката по клавир Дилек Реџеп и професорката по соло-пеење Александра Коцевска. „Писмо“ е нејзина прва песна со видеозапис, чиј автор е познатиот македонски пејач и композитор Ѓорѓи Крстевски, кој го режираше и спотот, снимен на три локации. Оригиналната верзија на песната трае осум и пол минути, бидејќи Ѓорѓи сакал да ја претстави Тијана и како пејачка и како пијанистка.

Какви се реакциите по објавата на вашата прва песна и спот „Писмо“?
– Секојдневно добивам убави коментари за двете верзии на песната. На повеќето им се допаѓа што „Писмо“ не е песна како секоја друга, туку претставува уникатна приказна, каква што досега немало кај нас. Други велат дека уживале во мелодијата што ги однела во некоја друга димензија. Сите овие коментари се добар знак дека со Ѓорѓи сме направиле нешто убаво и трајно.

Вашиот татко, кој е дипломиран музичар, дали имаше некоја забелешка на песната?
– Моите родители ми се голема поддршка во сѐ, а најмногу во музиката и секогаш ми даваат совети и искрено мислење за сѐ. Затоа бев многу среќна по нивната позитивна реакција. Откако внимателно неколкупати ја слушна „Писмо“ и го погледна спотот, татко ми ми рече дека е горд на мене, а целиот проект го нарече „вистинско ремек-дело“.

На повидок е реализација на нова песна со Ѓорѓи Крстевски, што да очекуваме овој пат?
– Втората песна ќе биде поразлична од „Писмо“. Овој пат тоа нема да биде балада, туку нешто сосема друго, како и секоја наредна песна што ќе ја снимам. На мојот репертоар ќе има за секого по нешто, различни стилови и жанрови, како и начини на изведување.

Како ги усогласувате обврските, бидејќи сте бруцошка на Музичката академија во Скопје, а тоа подразбира многу часови учење и вежбање?
– Ќе постигнеме сѐ што сакаме ако тоа го правиме со љубов. На академијата ја изучувам класичната музика, мојата прва љубов и сите ангажмани се дел од мојот живот и моето секојдневие. А на македонската поп-сцена се појавувам првпат и ова е ново искуство за мене, но сѐ што ми се случува периодов за мене е остварување на еден сон.

Кому вие би му напишале убаво романтично писмо?
– Романтични писма се пишуваат кога доживуваш љубов за која пеам во песната, чиста, префинета и мудра. Со цело срце го чекам мигот кога ќе пишувам не само едно туку повеќе писма до некоја личност. Сѐ уште сум млада, но верувам во искрена и вистинска љубов и се надевам дека еден ден и тоа ќе ми се случи.

Која е вашата најголема желба поврзана со музиката и каде се гледате за неколку години?
– Најголема желба во доменот на класичната музика ми е да одржувам концерти во големи сали како пијанистка, а на музичката сцена посакувам да бидам квалитетна музичка изведувачка што нема да биде само уште едно познато име, туку пејачка што ќе плени со својот квалитет, но и со харизмата. Во иднина се гледам како артистка богата со знаење што создава и изведува квалитетна музика, која со текот на годините длабоко навлегла во тајните на музиката.