Предизвик ќе биде привлекувањето нови туристи, кое ќе биде од пресудна важност за опстанок на туризмот во глобални рамки

Бидејќи движењето на планетата сѐ повеќе се ограничува, тешко е да се замисли како ќе изгледаат патувањата кога сево ова ќе се заврши. Страшното глобално ниво на пандемијата на коронавирусот го прави тоа речиси погубно, но индустријата за организирање патувања, односно туризмот, им се спротивставила и на други кризи во минатото, па стручњаците веруваат дека тоа повторно ќе се случи, објави американската телевизиска куќа Си-ен-ен.
– Луѓето и по пандемијата ќе сакаат да патуваат, но ќе бидат многу попретпазливи. Затоа туристичките работници ќе треба да ги уверуваат дека патувањето ќе биде сигурно и практично, не само со зборови – вели Адам Блејк, професор по економија и шеф на истражувачкиот тим на Одделот за туризам и угостителство на Универзитетот во Борнмут во Велика Британија.

Засега сѐ уште не е познато кога ќе биде окончана пандемијата, но откако кризата во јавното здравство на светско ниво ќе се санира, ќе следува намалување на цените на туристичката понуда, за да се придвижат работите, велат аналитичарите.
Патниците, веројатно, ќе доживеат осум нешта откако економијата ќе успее да ги активира сите свои мотори и да се придвижи кон заздравување.

1. Крстосувањата ќе бидат многу поевтини
Патниците што сакаат да крстосуваат ќе пронајдат доста ниски цени, вели Кристофер Андерсон, професор на деловниот факултет на универзитетот „Корнел“ во Итака, Њујорк. Предизвик ќе биде привлекувањето нови купувачи, кое ќе биде од пресудна важност за опстанок на оваа туристичка гранка.
Андерсон сугерира дека бродови со поголеми кабини и со помал број патници би можело да биде начин за привлекување нови туристи.
– Насочувањето кон „ла карт“ простории за јадење може да биде уште еден начин да се убедат патниците, кои се скептични за крстосувањата – вели Андерсон.

2. Ќе се води повеќе сметка за чистотата
Јан Фритаг, потпретседател на компанијата за анализа на угостителството СТР вели дека ќе мора да се преземат дополнителни санитарни мерки.
– Без оглед дали тоа значи да има средства за миење на рацете насекаде и редовно да се дезинфицираат цврстите површини, ќе постои јасно воспоставен режим, кој ќе помогне луѓето да бидат посвесни за своето здравје – изјави Фритаг.

3. Цените на хотелските соби ќе се намалат
Цените на хотелите во САД веќе паднаа за 30 отсто од 21 март, но се очекува тие уште повеќе да се намалат. Историски, во периодот на голема неизвесност, како што беше во 2001 година по нападот на кулите близначки на 11 септември или по завршувањето на рецесијата во 2009 г., беше потребно многу долго време цените да се вратат во нормала.

4. Патниците ќе се чувствуваат посигурно во хотелите
Според Андерсон, спас за хотелите може да биде фактот што по епидемијата туристите ќе се чувствуваат многу побезбедно во хотелите, отколку во алтернативните можности за сместување, што се изнајмуваат преку интернет, како што е на пример специјализираниот портал „Еарбнб“ и други слични, бидејќи овие места ќе мора да задоволат многу построги санитарни услови од досегашните.

5. Ќе има поевтини авионски билети и попразни авиони
На луѓето ќе им биде многу попријатно да патуваат, доколку помалите авиони бидат попразни.
– Ако сакаме да се случи тоа, авиокомпаниите ќе мора да летаат со празни средни седишта и цени драматично пониски од минатогодишните – вели Андерсон.

6. Оние што ќе патуваат со авион ќе имаат пофлексибилни резервации
Се очекува авиокомпаниите и по завршувањето на епидемијата да бидат пофлексибилни со откажувањето на летовите извесен период.
– Додека да влеземе во 2021 година, се очекува дека ќе се вратиме на стариот начин на работа – се надева тој.

7. Деловните патувања може да го поттикнат заздравувањето на авиокомпаниите
Андерсон очекува дека фактот што на многу фирми ќе им биде олеснето работењето и организирањето состаноци, ќе придонесе за побрзо заздравување на авиокомпаниите.
– Верувам дека на луѓето им е потребна интеракција, со што ќе се создадат повеќе можности – посакува Андерсон.

8. Поетички пристап кон туризмот по кризата
Екотуризам, одржливи патувања и чување на животната средина беа темите за кои во светот најмногу се зборуваше пред почетокот на епидемијата на коронавирусот.
– На оваа тема можеме да ѝ се вратиме на многу поодговорен и поетички начин кога ќе заврши кризата – вели професорот Адам Блејк.