Генерално, денес, луѓето се значително попромискуитетни и посклони кон краткорочни авантури од порано. И жените и мажите сега имаат поголем број партнери, додека истовремено тврдат дека никогаш немало помалку љубов

Зошто луѓето не можат да ја пронајдат вистинската љубов?

Некогаш луѓето беа во брак цел живот, заедно ги одгледуваа децата и живееја мирен и спокоен живот. Денес е многу потешко да се најде партнер за заедничко живеење. Кои се причините за тоа, објаснува филозофот и писател Пол Хадсон. Како главни виновници за недостигот од љубов во денешно време тој гледа повеќе проблеми.

Стремеж кон инстант задоволства

Денешните генерации на млади во 20-тите и 30-тите ги нарекуваат уште и ипсилон-генерација, а една од нивните посебности е тежнеењето кон материјалното, но и духовни искуства што може да се добијат сега и веднаш – статусен симбол како мобилен телефон, доказ за интелигенција во вид на диплома, психичка стабилност преку литература за самопомош на 100 страници… Ако сакаме храна, таа е тука по телефонско јавување, ако ни е здодевно, тука е интернетот, ако бараме адреса, само ја вчитуваме во навигацијата, доколку имаме желба за сексуален поттик, тука се порнографските интернет-страници. Сево ова има своја практична страна, но долгорочно од луѓето прави робови на задоволството што не се цени, бидејќи е лесно достапно.

Култура изградена на пороци

Пороците одат рака под рака со моменталните задоволства, а модерната култура како да ги возвишува пороците – од прекумерно користење алкохол, цигари, па до лекови и разни опојни средства. Токму овие супстанции создаваат илузија на добро чувство и забава, состојба во која не ни треба некој друг за да се чувствуваме среќно и исполнето. Зошто тогаш да се трудиме и да бараме среќа и љубов, ако така се чувствуваме по неколку чашки алкохол?

Сѐ се врти околу секс

Генерално, денес, луѓето се значително попромискуитетни и посклони кон краткорочни авантури од порано. И жените и мажите сега имаат поголем број партнери, додека истовремено тврдат дека никогаш немале помалку љубов.
Сѐ почесто се одделува сексот како посебно задоволство од љубовта и се пропагираат односи без обврски – како пријателство со привилегии, отворени врски… Со самото тоа сѐ помалку се цени сексуалниот партнер, кој се доживува исклучиво како средство за постигнување задоволство.

Недостиг од компромис

Во согласност со теоријата на егоизмот, се јавува и целосно исчезнување на компромисот во врската. Ставот во кој само една мана е доволна да пресудиме дека некој нема да ни одговара или ни е одбивен и нема да му дадеме ни шанса, е многу површен. Сосема различни вредности, секако, се пречка за една врска, но идејата дека постои однос во кој луѓето се согласуваат без потреба од компромис, сега е целосна илузија, истакнува Хадсон.

Егоизмот ги движи луѓето

Секој поединец на светот е егоист, бидејќи исполнувањето на сопствените цели е во согласност со теоријата на еволуцијата во која преживуваат само најсилните, односно оние што се грижат за себе. Така, како нормална вредност се пропагира фокус исклучиво на сопствените потреби и желби, без размислување за другите луѓе. Двајца егоисти никако не можат заеднички да функционираат – а тоа е сѐ почеста причина за раскинување на љубовните релации.

Врските станаа спорт

Целта на секоја романтична врска е пронаоѓање партнер за долгорочен однос и основање семејство. Иако тоа не се случува секогаш, таквата идеја го донесува аспектот на романтика во односот. Од друга страна, луѓето сѐ почесто влегуваат во врски заради секс, привремена забава или со претходно поствени ограничувања – не сакам венчавка, не сакам деца, брзо ќе раскинеме… Сето тоа резултира со намалени романтични очекувања, фантазии и само по себе ја убива идејата за барање вистинска и трајна љубов.

Секогаш има некој подобар

Медиумите, рекламните компании, славните ѕвезди на социјалните мрежи, со Фотошоп средени убави луѓе што ни се насмевнуваат од насловните страници на магазините – сето тоа нѐ уверува дека постојат совршени луѓе. Исто така, секој посакува да создаде подобра верзија од себе, а за тоа е потребен совршен партнер. Осудата врз база на физичкиот изглед или други предубедувања (тој нема доволно добра работа, таа не е доволно атрактивна…) во љубовта ја внесува пресметливоста, што е прв непријател на желбата за остварување романтична врска. Се велича „откачувањето“ на старите партнери заради подобри, помлади или посексапилни модели и така во недоглед…