Додека вистинската кралица Елизабета ќе се обрати преку „Би-би-си“ и „Ај-ти-ви“, нејзината дигитална двојничка ќе ги сподели своите размислувања преку „Канал 4“.

Бакингемската палата за „Би-Би-Си“ изјави дека не ја коментирале одлуката на уредничкиот одбор. Од „Канал 4“ објаснуваат дека нивната намера е да испратат „јавно предупредување“ поради лажните вести во дигиталното време.

За создавање на дигиталната двојничка на кралицата ќе се користи технологијата „дипфејкс“ со која едни фотографии и снимки се монтираат врз други за лажно да се прикаже дека некој сторил или кажал нешто.  За време на обраќањето дигитална двојничка на кралицата ќе проба и танцување на Тикток.

Во петминутната порака, двојничката ќе зборува за повеќе контроверзни теми. Меѓу нив е и одлуката на војводата и војвотката од Сасекс да ја напуштат Велика Британија, повлекувањето на војводата од Јорк од функцијата по интервју за „Би-би-си“ во кое тој зборуваше за неговото пријателство со американскиот финансиер Џефри Епстајн кој беше обвинет за сексуално злоставување.

Николас Вичел, дописникот на Би-би-си за кралското семејство не е импресиониран со најавата.

– Досега видовме безброј имитации на кралицата, ова не е ништо посебно. Бојата на нејзиниот глас е бледа копија на кралицата, а дополнителен проблем е обидот да се користи видеотехнологија за синхронизирање на изговорот со движењата на усните – смета Вичел.

Иако сегашната технологија овозможува лажно претставување, британската актерка Дебра Стивенсон ќе и го „позајми“ својот глас на кралицата. На почетокот на годинава, оваа телевизиска ѕвезда и го позајми гласот на кралицата во куклена претстава.

– Кога станува збор за глума, тоа е фантастично, но исто така е страшно кога ќе сфатите како сè може да се искористи – вели Стивенсон.

Дигитална двојничка на кралицата ја направи продуцентска куќа „Ви-Еф-екс“ студио Фрејмстор, добитник на наградата „оскар“.